Најмалку две лица загинаа, а неколку други се повредени во Манхајм кога патничко возило влета во пешачка зона, а возачот потоа беше приведен.
Германскиот министер за внатрешни работи за сојузната покраина Баден-Виртемберг Томас Штробл изјави дека човекот кој со својот автомобил влетал во толпа во Манхајм „го користел возилото како оружје“.
Зборувајќи за новинарите заедно со германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер, Штробл рече: „Ова е едно во низата неодамнешни злосторства во кои автомобилот е злоупотребен како оружје“.
Според Ројтерс, Штробл повторил дека во моментов нема индикации дека осомничениот има „екстремистичко или религиозно потекло“.
„Мотивацијата би можела да биде поврзана со личните околности на сторителот. Но, тоа е предмет на истрага“, рече Штробл, според Ројтерс.
Градоначалникот: Ова е одвратен и нехуман напад
Градоначалникот на Манхајм го опиша нападот како „одвратен и нехуман“ во изјава објавена на веб-страницата на градската влада.
„Нашите мисли се со загинатите и повредените, нивните семејства и пријатели“, рече градоначалникот Кристијан Спехт.
Поради нападот откажани се карневалските паради кои беа планирани за утре во околните квартови Феуденхајм, Некарау и Сандхофен Според истото соопштение затворен е и градскиот пазар, а нема да се одржи уличен карневал во центарот на Манхајм.
За потсетување, во Германија, во овој период од годината се одржуваат карневали на отворено, поврзани со прославата на Велигден.