Синот на градоначалникот општина Карпош, Стевче Јакимовски, Дамјан Јакимовски е вработен во државната М-НАВ, потврдија оттаму за „Фокус“.
-Лицето Дамјан Јакимовски беше единствен кандидат на конкурсот кој јавно беше објавен во весниците Вечер и Коха, каде ги исполнуваше условите за истиот и по завршување на огласот беше вработен во М-нав, се вели во одговорот којшто го добивме од М-НАВ.
На социјалните мрежи од неодамна се пишува дека Јакимовски го вработил син му во М-НАВ, но тогаш Јакимовски на прашање на „Фокус“ дали неговиот син е вработен таму и дали зема плата од 100.000 денари ни одговори „не е точно“.
Откако добивме потврда од М-НАВ дека сепак еден од синовите на Јакимовски е вработен таму, потврди и Јакимовски.
Тој во изјава за „Фокус“ рече дека син му работи во човечки ресурси. Се јавил на оглас за кој биле потребни општествени науки. Имал завршено економски факултет и 7,5 години искуство. Јакимовски тврди дека платата му е половина од тоа што се објавува, односно околу 50 илјади денари.
АД „М-НАВ“ се формираше со поделбата на Агенцијата за цивилно воздухопловство во две тела, „М-НАВ“ кое е друштво во државна сопственост и Регулаторно тело кое остана како Агенција за цивилно воздухопловство. Оваа трансформација се случи во 2009 година.
Инаку Јакимовски во јуни годинава објави дека по 99 месеци ја раскинува коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ во општинскиот Совет, му се спротивстави на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и го обвини за опструкции.
ВМРО-ДПМНЕ пак го поддржа Јакимовски на последните локални избори на кои тој се врати на градоначалничкото место во скопската општина.
Фросина Факова-Серафиновиќ