Стерјовски: Македонците во Албанија бараат да се продолжи Пописот

by Fokus

Партијата на Македонците во Албанија бара да се продолжи Пописот на населението во Албанија во Мала Преспа, односно во деловите каде што живее македонско население. Пописот во Албанија завршува на 15 ноември, а во Мала Преспа заврши пред две недели.

Ова денеска од Штип го порача Васил Стерјовски – претседател на Партијата на Македонците во Албанија (МАЕИ) кој денеска беше на Семакедонската средба организирана од Здружението „Мирка Гинова“ – Штип.

Тој рече дека неколкупати и официјално реагирале до премиерот Еди Рама и до Владата на Албанија.

– Укажавме на сите притисоци кои се прават од страна на Бугарија и тоа што Албанија му даде слободен простор фактички Пописот да го спроведе Бугарија, а не Албанија и ние реагиравме на сето ова. Запознаена е албанската Влада во текот на самиот процес, затоа што работите ги следевме секој ден на терен што се случува и се што до нас доаѓаше како информација за притисок, закана, мешање од самите структури на албанската држава, било тоа да се Бугарската амбасада во Албанија, но и други структури што работат за Албанија, за да ги натерат Македонците да се попишат Бугари – вели Стерјовски.

Посочува дека сите регистрирани неправилности ги имаат доставено до Владата на Албанија и до сите странски амбасади во земјата. Но, според него, Владата на Албанија до овој момент нема преземено никакви мерки на укажувањето дека Бугарија преку Пописот во деловите каде живеат Македонци во Албанија директно се има замешано во внатрешните работи и на самиот процес на Попис на население во оваа земја, како и дека нема одговорено на барањата на Македонците во Албанија.

– Бугарите на дневна основа знаеја кој како се попишува во нашите региони, така што ние на крајот на самиот процес, официјално како политичка партија на Македонците во Албанија „Македонска алијанса за Европска интеграција“ ќе излеземе со официјален извештај и ќе ги објавиме јавно – вели Стерјовски.

Тој истакна дека Пописот во Мала Преспа траел шест недели, но како што вели, реално, на терен се попишувало вкупно три недели.

– Во последните три недели од официјалниот Попис не се попишуваа жителите, кои физички живеат таму, кај нас проблем е тоа што сме пограничен регион со Македонија и Грција и повеќето од луѓето својата егзистенција ја обезбедуваат со сезонска работа било во Грција, било во Македонија. На граница ако одите секој ден 400 до 500 лица влегуваат дневно во Македонија во овој период, бидејќи е бербата на јаболка во Ресен и многу од овие жители не се попишани. Значи доаѓаат жалби од самите жители дека попишувачите не ги попишуваат. Ние официјално уште тогаш имаме реагирано, од кога се случи овој проблем. Од Тирана бараа да се попишаат, но проблем се случуваше што пописните комисии, попишувачите не ги попишуваа и тука се сомневаме дека е директно влијание на Бугарија, за да излезе што помал број вкупно население во Мала Преспа, но и на Македонци – вели Стерјовски.

Посочи дека како партија имаат повеќе барања, а Владата на Албанија ветила дека ќе се продолжи рокот на попишување на населението во Мала Преспа, но се уште немаат добиено ништо официјално.

Поврзани новости