Македонците во Албанија, заедно со претставници на уште седум малцинства, донесоа заедничка декларација со која испратија порака дека не ги признаваат резултатите од пописот и бараат повторување.
Тие се категорични во ставот дека, како што велат, во процесот се вклучени владини функционери и структури, без овластување и законска оправданост, за што тврдат дека имаат веродостојни извештаи.
„Претставниците на осум малцинства во Албанија, со исклучок на Бугарите, бидејќи Бугарија го призна пописот кој се уште не е завршен, изразија став дека со пописот се манипулира и не ја покажуваат вистинската слика и оттука бараме Албанија да спроведе нов попис за да може да се види вистинската бројка. Во декларацијата се евидентирани и сите прекршувања кои ги забележавме во пописот. Како Македонци набројавме се што направи Бугарија при пописот, сите мешања и обиди за асимилација“, вели Васил Стерјовски, претседател на Македонска алијанса за европска интеграција.
Стерјовски изјавил и дека очекува прашањето да се покрене во албанскиот Парламент, а потоа да биде повикан на состанок во Поткомитетот за човекови права. Како што рече, ќе го покренат прашањето пред европските власти во Брисел и Стразбур.
„Ќе ги искористиме сите правни инструменти. Со грчкиот претставник во албанскиот Парламент се договоривме прашањето да се постави и во Парламентот. Чекаме да бидеме повикани во Поткомитетот за човекови права. Ќе го информираме повторно Советот на Европа и ЕП. Ова беше конкретен пример како Албанија го дозволи притисокот на Бугарија, на која ги даде овие бројки кои не се реални, ова е инженерството на пописот за Албанија да не биде попречена на европскиот пат“, порачал тој.
Според резултатите од пописот, бројот на Македонците падна на 2.281 лице, а бројот на лица кои се изјасниле како Бугари е трипати поголем, односно според резултатите во Албанија има 7.957 Бугари, иако во сите досегашни пописи немало лица кои се изјасниле како такви.
Пред почетокот на пописот, но и при статистичката операција, Македонците од Албанија предупредија дека има притисок и обид од Бугарија насилно да создаде бугарско малцинство.