Стерјовски: Дојдено е време Македонец да дојде на чело на Албанија

by fokus

Лидерот на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, Васил Стерјовски за албанската национална телевизија МЦН, на прашањето во врска со предлогот на партијата Македонец да биде кандидат за иден шеф на државата, прави споредба со изборот на Дритан Абазовиќ за премиер на Црна Гора.

-Зошто да не. Неодамна го имавме случајот со изборот на премиерот на Црна Гора, црногорски државјанин со албанско потекло кој се бори за својата земја, за демократијата во Црна Гора. Зошто да не се гласа од пратениците на Парламентот на Албанија еден ваков кандидат, проф. д-р Кимет Фетаху, одговори Стерјовски.

Додава дека тој е предложен од МАЕИ и смета дека е време на чело на албанската држава да дојде албански државјанин кој и припаѓа на македонската заедница.

– Прво ова беше желба на нашата партија. Најдобрата кандидатура која ќе нè претставува како македонска заедница, но и целата држава, оценивме дека е кандидатурата на господинот Кимет Фетаху. Сметаме дека е дојдено време, зошто да не, на чело на албанската држава да имаме албански државјанин кој и припаѓа на македонската заедница, вели тој.

Одговара и на прашањето дали за овој предлог имало влијание од страна на македонската политика.

– Не. Ние како партија сме формирани во Албанија, регистрирани сме во Основниот суд во Тирана. За целата наша активност не бараме одобрение од македонската Влада или македонската политика, затоа што тука дејствуваме, одговори Стерјовски.

Тој е убеден дека Албанија и Македонија не треба да ги разделат интегративните патишта, и додава дека изборот на Македонец за претседател во Албанија ќе биде силен сигнал за ЕУ.

Поврзани новости