Пратеникот од Македонска алијанса за европска интеграција, во албанскиот парламент, Васил Стерјовски, на денешната пленарна седница на законодавниот дом во Тирана, побара од Владата отворање засебна канцеларија за образование за општина Пустец.
Додаде дека Канцеларијата во координација со Министертвото за образование, ќе се занимава со целата поблематика од областа на образованието на припадниците на македонското малцинство во оваа општина.
– Македонското малцинство во Републка Албанија врз основа на важечките албански закони го ужива правото на образование на мајчин јазик, негувањето на традицијата и развојот на културата, како фактор на идентитет и соживот во плуралното општество, рече на почетокот Стерјовски.
Во моментов, посочи, се соочува со низа проблеми кои го отежнуваат спроведувањето во практика на овие права загарантирани со закон.
– Во име на нашата партија, Македонска алијанса за европска интеграција, бараме од Владата формирање засебна канцеларија за образование во Пустец или на ниво на округот која ќе се занимава со менаџирање на сите проблеми присутни во образовниот процес во училиштата на македонското малцинство во општина Пустец. Тоа во координација со соодветните институции а за надминување на бирократските пречки во снабдувањето со потребните учебници за настава на македонски, за квалитетот на текстовите, за наставниот кадар. Секако тука и подобрување на образовниот процес и за другите области каде живеат Македонци,нагласи тој.
Според него, канцеларјата која ќе има директна поврзаност со Министертво за образование и ќе биде „промотор на подигањето на нивото на квалитет, од сите аспекти, на образованието на македонски јазик“.