Стекнатите колективни права во државата не се и никогаш не може да бидат загрозени, нема да помине реториката на ДУИ, велат од ВМРО-ДПМНЕ

by Fokus

ДУИ се свесни дека со нив е завршено. Реториката на ДУИ е веќе видена и прочитана, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

„Нашите сограѓани Албанци не паѓаат на таквите реторики на ДУИ, затоа што знаат дека ДУИ, единствено за што се загрижени е да ги спаси од одговорност пред правосудните органи криминалците во нивните редови. Тоа најдобро го отсликува случајот со нивниот, сега веќе поранешен, висок партиски и државен функционер во бегство, Артан Груби.

Македонските граѓани многу добро знаат дека додека ДУИ 22 години на власт овозможи привилегии и богатство на високите нејзини функционери и на нивните роднини и пријатели, обичните Македонци, Албанци, Турци, Роми егзистенцијата ја бараа по западно европските држави“ се вели во соопштението на владејачката партија.

Оттаму велат дека нема да помине реториката на ДУИ, со која, како што веат, се обидува да поттикне некаква политичка тензија и меѓуетничка нетрпеливост.

„Затоа што сите знаат, а најдобро албанските сограѓани, дека стекнатите колективни права во државата не се и никогаш не може да бидат загрозени. Единствени кои се чувствуваат загрозени се поранешните државни функционери од редовите на ДУИ кои се огрешиле пред законот, затоа што знаат дека Македонија се трансформира и дека правна држава и одговорност за сите ќе има“ соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости