Во годишниот извештај во кој се констатира состојбата со верските слободи во светот, во делот за С Македонија уште се наведуваат случаите на говор на омраза и антисемитски коментари на социјалните мрежи
Православната охридска архиепископија (ПОА) и Бекташката заедница (Тетово) и натаму не се регистрирани, Бектешката заедница пријавила вознемирување на своите членови, ИВЗ се жали дека Владата ја фаворизира МПЦ-ОА, а помалите религиозни групи нееднаков третман во однос на петте верски групи споменати во Уставот. Исто така, на социјалните межи се регистрирани говор на омраза и антисемитски коментари.
Ова се дел од забелешките во Годишниот извештај на Стејт Департментот за почитувањето на верските права и слободи во светот.
Во однос на пријавите зa регистрација на ПОА и Бектешката заедница се истакнува дека се чека одлука на Основниот суд II во Скопје, по извештајот на Европската комисија во мај 2019-та, со кој се повикува Владата да изврши усогласување со претходната пресуда на Европскиот суд за човекови права која посочува дека Владата треба да ги преиспита своите претходни одбивања на апликациите на овие групи.
-ИВЗ соопшти дека Владата продолжила да ја фаворизира Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), а помалите религиозни групи продолжиле да пријавуваат нееднаков третман на владата споредено со петте уставно именувани групи, се наведува во извештајот на Стејт департментот, во делот за С Македонија.
Во јануари, се наведува во Извештајот, Еврејската заедница и Фондот за холокауст на социјалните мрежи објавиле заедничка осуда за говорот на омраза и антисемитски коментари, во која ги повикаа граѓаните, политичките партии и институциите да ја отфрлат таквата реторика и наместо тоа да ја прифатат културата на почитување со учество во сеќавањето на жртвите на холокаустот. Во мај, Еврејската заедница им пријави на властите повеќе антисемитски и објави на говор на омраза од страна на фејсбук група наречена „Нинурта Македонија“.
„Душите на Евреите се домови на ѓаволот“, се цитира една од изјавите на оваа групата од 12 мај, и уште многу други коментари и говор на омраза како „светска чума“, „валкани, сурови и нехумани“.
Во однос на антисемитските коментари се посочува и објавата на новинарот Бранко Тричковски на Твитер од 6 февруари за пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи, во кој Тричковски вели дека Мизрахи „јаде хумус направен од мртви Евреи“.
-На 7 февруари, Министерството за внатрешни работи соопшти дека го известило Основното јавно обвинителство во Скопје за инцидентот. Со објава на Фејсбук на 7 февруари, СДСМ ги осуди ‘сите форми на говор на омраза, антисемитизам или какво било друго директно или индиректно понижување или дискриминација на поединци и групи’. Владата не покрена обвиненија во врска со инцидентот, се вели во извештајот.
Во извештајот, се наведува ангажманот на претставници на Американската амбасада заедно со владини претставници, за да разговараат за верските слободи и толеранција, вклучително и за, како што се вели во извештајот, „подобрената меѓуверска соработка и почитувањето од власта и еднаков третман на верските групи, вклучувајќи ги Бектешите од Тетово, Евреите и Евангелистичките методисти.