За утрешниот меѓународен ден на борбата против корупцијата, Вашингтон најавува нови санкции за корумпирани функционери секаде во светот.
Ова доаѓа само два дена откако во Скопје пристигна американски тим за санкции кој ќе „лови“ комрупирани актуелни и поранешни функционери.
-Очигледно ниту една земја не може сама да се бори против корупцијата. Чест ни е да работиме со водечките антикорупционери од секаде од светот и со меѓународните партнери за да ја поразиме корупцијата – изјави Тод Робинсон, асистент секретар во Бирото за меѓународни агенции за спроведување на законите.
Вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска од Рим порача дека само со стабилни институции и поравосуден систем отпорен на политичко влијание може да се искорени корупцијата.
-Политиките за добро владеење се основа за стабилноста на секоја држава. Доколку сакаме стабилност мора граѓаните да имаат доверба во институциите, да имаме администрација која ќе биде на услуга на граѓаните и да се создадеме систем кој ќе биде отпорен на корупција – рече Грковска.
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, пак, повторно повика на предвремени парламентарни избори, бидејќи според него, само по нивно одржување може да почне вистинската борба против корупцијата.