Поради воениот притисок на екстремистите од Исламска држава, во 2016 година Европа била мета на масовни терористички закани, стои во извештајот на Стејт департментот за тероризам и се додава дека заканите и понатаму се присутни.
Во делот од извештајот за Македонија се наведува дека македонските власти проценуваат дека членови и симпатизери на ИД и понатаму има во земјата. Стејт департментот потсетува дека Македонија во 2016 година спровела три различни антитерористички акции, од кои една била во координација со властите на Албанија и на Косово, што довело до апсење на 23 лица во Албанија, Косово и во Македонија.
Стејт департментот наведува дека потребно е да зајакнат капацитетите на Македонија за детектирање и за спречување терористички акти без меѓународна поддршка.
Во извештајот, исто така, се наведува дека на земјата ѝ недостига правна рамка за борба против перење пари и финансирање тероризам, како и криминализација на финансирањето на тероризмот, а нема ни јасни механизми за имплементирање на мерките од ОН.