Нефју: Мерко е на црната листа за злоупотреба на средства и мешање во судските постапки

by Fokus

Координаторот за антикорупција во Стејт департментот на САД, Ричард Нефју рече дека не може да се споделат повеќе детали зошто градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, е ставен на американската црна листа. Тој ова го изјави за албанската редеакција на „Гласот на Америка“

Во одлуката се вели дека Рамиз Мерко како градоначалник злопотребил фондови и се мешал во судските и други јавни процеси. Забрана за добивање виза се однесува и на сопругата и трите деца на Мерко.

„Одлуката е донесена затоа што државниот секретар имал веродостојни информации кои сугерираат дека  Мерко бил вмешан во голема корупција. И така според законите, кога секретарот ќе дојде до тој заклучок, нечија определба е правно обврзувачка, како што се случи денес“, изјави Нефју.

Тој објаснува дека информациите што беа објавени како дел од соопштението укажуваат дека се работи за злоупотреба на средства и мешање во судските постапки.

„Со оглед на природата на одлуките и нивната правна основа, тоа се информациите што можеме да ги објавиме во јавноста за овој случај“, вели Нефју.

Според координаторот за антикорупција на Стејт департментот една од главните цели на овие акти, главната цел на Конгресот што го усвои законот, е да ја покажат поддршката за владеењето на правото во напорите за борба против корупцијата ширум светот.

„И со јавно идентификување и негирање на можноста да дојдат во Соединетите Држави, мислиме дека помагаме да се поддржи принципот на владеење на правото. Ние исто така веруваме во зајакнување на антикорупциските норми во активностите и практиките ширум светот. Секогаш кога се зборува за визни ограничувања или санкции, секогаш се поставува прашањето за нивната ефикасност и влијание. Генерално, имавме многу добри резултати помагајќи им на граѓанските здруженија и другите активисти, да им покажеме дека не се сами, дека кога ќе се сретнат со корумпирани поединци имаат поддршка од меѓународната заедница“, рече Нефју.

Поврзани новости