Македонија според Американскиот Стејт департмент оваа година се спушти едно место подолу во борбата против трговија со луѓе, односно во зоната ТИЕР 2, каде не се исполнуваат минималните услови за борба против оваа појава.
Според извештаојот, македонаката Влада не ги исполнува во целост минималните стандарди за елиминирање на трговијата со луѓе, но прави значителни напори за да ги исполни.
“Напливот на бегалци и на мигранти претставуваше сериозен притисок врз ресурсите на Владата, но регистрирано е и значително намалување на напорите на властите да ги заштитат жртвите и да ја спречат трговијата со луѓе. Севкупните владини средства за борба против трговијата, во 2015 година се намалени на 4,1 милион денари од 32,45 милиони денари, колку што било издвоено во 2014 година”, стои во извештајот.
Во 2015 година, според извештајот, македонската влада идентификувала четири жртви на трговија со луѓе, од кои еден возрасен и три деца, во споредба со 2014 година кога биле идентификувани седум жртви. Минатата година, се додава во извештајот, невладините организации идентификувале 94 потенцијални жртви на трговија со луѓе меѓу мигрантите и бегалците кои транзитираат низ Македонија, но властите во земјата, според Стејт департментот, не истражиле ниту еден од овие случаи, а единицата за борба против трговија со луѓе не направила проценка на можни жртви на овој тип криминал.
За разлика од претходните години, Владата не доделила никакви финансиски грантови на невладините организации за фискалната 2016 година, иако граѓанскиот сектор барал вакви средства за помош на жртвите. Поради тоа, тие морале да ги намалат своите активности за справување со оваа појава.
Во извештајот се наведува дека Македонија е извор, транзит и крајна дестинација за мажи, жени и за деца кои се предмет на секс-трговија и на принудна работа. Жените и девојките во Македонија се принудени на сексуална експлоатација и на принудна работа во ресторани, барови и во ноќни клубови во земјата. Децата, претежно Роми, се принудени на питачење или на сексуална експлоатација, преку принудни бракови. Жртвите, како што се наведува во извештајот, најчесто се од Источна Европа, односно од Албанија, БИХ, Косово, Романија, Србија и од Украина.
Во претходните извештаи на Стејт департментот, изминатите неколку години Македонија беше рангирана во зоната на држави ТИЕР 1, кои ги исполнуваат минималните стандарди во борбата со трговијата на луѓе.