Специјален гостин на концертот на Стинг во Скопје ќе биде нашиот виртуоз Влатко Стефановски со неговото ново трио.
Самиот Стефановски не го криеше задоволството што ќе настапи пред светската ѕвезда Стинг, со надеж дека ќе успее да ја оправда улогата за таа вечер.
„После долги години, гледам дека Скопје порасна како град. Ништо не се случува случајно. Мојата историја со Стинг долго трае и споро се приближуваме еден кон друг. Можам да кажам дека тој ми давал инспирација во сите овие години наназад. Во шоу-бизнисот постојат многу ѕвезди, но не се сите музичари. Стинг е голем музичар кој заслужува огромен респект“, истакна Стефановски.
Репертоарот полека се подготвува, а Стефановски најави дека ќе внесе свежина кај присутната публика.
„Не сум сонувал дека ќе настапувам пред Стинг. Јас немам илузии дека светот мене ме чека. За времето што ни е дадено, мора да постигнеме три гола. Полека го бирам репертоарот. Ќе внесам нешто ново, можеби нешто неснимено досега. Тоа што не поврзува со Стинг е пристапот кон музиката, песните. Јас сфатив дека ако имаш женска публика, значи дека имаш добри песни. А Стинг има напишано многу големи песни“, рече Стефановски.
Картите за овој спектакл се пуштени во продажба на avalon.mk, а оттаму порачуваат дека преостануваат уште мал број на карти.
Ј.Ц.