Обвинителката Лиле Стефанова во своето денешно сведочење за случајот “Рекет” образложи кога се случил пресвртот во случајот “Империја”, во кој осомничен е и бизнисменот Орце Камчев. Таа истакна дека Јанева не влијаела дали да се отвори истрагата за “Империја”, ниту пак таа го дала називот. Но, ситуацијата се сменила во декември.
-Ако дотогаш никогаш не се мешаше туку само ме ислушуваше ако имам нешто да и кажам, веќе во декември, Јанева почна да бара повеќе информации. Од една страна, тоа е нормално, ја повикуваа во емисии, се распрашува новинари и не гледав ништо чудно во тоа, рече Стефанова.
Таа додаде дека во тоа време било актуелно лица да бидат пуштени од притвор заради некакви гласања во Собранието.
-Во средината на декември Јанева не повика во нејзината канцеларија. Ја образложуваше темата околу лобирањето за законот за ЈО и ми се обрати мене со зборовите: “Лиле, еве ти ги петте предлози кои ги имаш дадено да се одбие жалбата за притвор, ќе ги преиначиш и ќе напишеш на овие осомничени наместо притвор да се определи куќен притвор. Тоа истото ќе го направиш и за Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, како и за Сашо Мијалков’“, рече обвинителката.
Стефанова истакна дека таа се спротивставила на што добила дрзок одговор од Јанева дека тоа е нејзина одлука и дека треба сите да одат во куќен притвор, бидејќи е важно за процесите во државата и за носење на законот за ЈО.
„Јас сум долгогодишен обвинител, но донесување на закон за ЈО не може да биде основа да се промени мерка притвор во куќен притвор. На ова единствено се побуни Артан Ајро, а другите премолчеа“, рече обвинителката Стефанова.
Потоа следувале барањата за давање на времени пасоши за Орце Камчев и за Цветан Панделески.
-На 8 март додека бев на судење ми се јави Јанева, односно на стручниот соработник и ми викаше дека има предлог од Панделески за времен пасош, па да не чекал човекот да му ја дадам патната исправа. И реков да се вратам во СЈО па ќе видам. Тогаш и се јавив и реков дека нема поткрепа од медицинска документација и ќе дадам негативно мислење. Тогаш и Јанева рече добро, сум била во заблуда, рече Стрфанова.
Таа додаде дека во целиот овој период Камчев доставувал барања, нудел гаранција.
-За Панделески дојде ново барање и таа рече дека ќе го прифати и самата го потпиша, сведочеше обвинителката, која додаде дека судот го одбил барањето бидејќи осомничениот немал медицинска документација.
Клучен бил еден состанок во април, бидејќи дотогаш Стефанова мислела дека се играат игри со Панделевски, ама тогаш на површина излегол и Камчев.
-Имаше состанок на барање на Јанева. Беше видливо нервозна. Тогаш ми рече: “Ти Лиле дај му го пасошот на Камчев. Ќе даде гаранција од 3,5 милиони евра. Потоа ни даде задача и на мене и на Бурим Рустеми да направиме пресметка за предизвиканата штета во “Империја” и “Поштенска банка”, да си платат осомничените и тука да заврши се, рече Стефанова.
Тогаш му се јавив на обвинителот Гаврил Бубевски, кој имаше комуникација со Јанева, и му реков дека Катица сака на незаконски начин да ги затвори истрагите за “Империја” и Поштенска Банка”, рече Стефанова, која додаде дека Јанева ги избркала од состанокот и рекла: ” А сега марш, излегувајте од тука!”
Потоа, како што рече, додека била на одмор дознала дека на Камчев му бил вратен пасошот.
Таа потенцираше дека покрај Врховниот суд, и неодлучноста на Јанева ја заглавила истрагата за “Империја”.
В.В.