Обвинителката Лиле Стефанова, која до неодамна беше дел од тимот на СЈО, и понатаму ќе ја води истрагата за случајот „Империја“, бидејќи неодамна добила овластување од републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески.
Информацијата за „Фокус“ и официјално ја потврдија од Републичкото јавно обвинителство.
Овој случај предизвикува голем интерес во јавноста, бидејќи еден од осомничените е и бизнисменот Орце Камчев, кој наводно им платил 1,5 милиони евра на Бојан Јовановски и Зоран Милевски-Кичеец да го спасат од кривичниот прогон за „Империја“, а наводно со амин на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, за што пак беше отворена истрагата „Рекет“.
Обвинителката Стефанова откако беше отворена истрагата за „Рекет“ откри дека таа не се согласила со шефицата Јанева да му го замени притворот на Камчев со куќен притвор, а подоцна воопшто не била консултирана од Јанева која одлучи да му даде и времен пасош.
Исто така откри дека шефицата сакала овој случај и случајот „Поштенска банка“ да ги затвори со спогодби.
-На 16 април 2019 година, во канцеларијата на Катица Јанева беше одржан состанок на кој таа изнесе одредени одлуки пред присутните обвинители, а кои се однесуваа на дејствија во предметите „Империја“ и „Поштенска банка“. Конкретно, ни беше наложено, најкасно до 06 мај 2019 година, до неа да доставиме писмени извештаи за штетата во двата предмети кои осомничените траба да ја платат на државата, по што предметите „ да бидат тука затворени“ и осомничените „да не одат во затвор“. Меѓутоа, јас и обвинителот Бурим Рустеми изготвивме писмени извештаи во кои покрај износите на штетата, ги наведовме и можните затворски казни согласно Кривичниот законик во случај на спогодување со јавниот обвинител. Дополнително, за предметот „Империја“ потенцирав дека е во многу рана фаза за евентуално спогодување и дека истрагата треба да продолжи во следниот период, напиша пред неколку месеци Стефанова.
Освен Камчев во „Империја“ осомничени се и Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски.
Како што дознава „Фокус“, во досегашниот тек на истрагата обезбедени се голем број на материјални докази, неколку сведоци, добиена е меѓународна помош, како и легално прислушувни разговори на дел од осомничените, со кои ја разоткриваат криминалната шема, а со која наводно переле пари, на штета на државата, а во корист на сопственото банкарско салдо. Засега сомнежот е дека се „испрани“ или злоупотребени околу 10 милиони евра.
В.В.