Дијана Хрка (47), мајка на белграѓанецот Стефан Хрка (27), кој трагично го загуби животот на 1 ноември при падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, својата исповед ја започнува со крик, очи отечени од плачење, со фотографија од нејзиниот син. Неутешната Дијана раскажала кога последен пат се слушнала со синот, пишува српска „Република“.
„Четири дена пред несреќата Стефан му рекол на пријателот дека има чудно чувство и дека нешто лошо ќе се случи. И јас имав претчувство, но мислев дека ќе умре мојата болна баба која има 90 години, а не дека ќе останам без првороденото дете. Зборувавме ден пред тој ужас и се договоривме да се видиме. Во петокот се преселив во нов стан, по враќањето од патувањето. Планирав да договорам стан за викенд и потоа да одам кај него во Нови Сад, бидејќи таму живее последните пет години. Се пошегува со мене и ми рече: „Мајко, ќе видиме кој кого ќе изненади!“. За жал, ме изненади – вели таа со треперлив глас и додава дека се скаменила кога ја видела веста за несреќата на станицата во Нови Сад:
– Знаев дека Стефан сака да седи на таа клупа на станицата, но се молев да го нема во тој момент. Му се јавивме, но тој не одговори. Ми се јави помалиот син Немања и ме праша дали имам некое чувство, па јас му го поставив истото прашање, тој молчеше… Се договоривме да пријавиме кој прв ќе дознае некоја информација – раскажува таа.
Семејството Хрка од тој момент минува низ вистинска агонија, а како што вели Дијана, во еден момент отишле во Полициската станица – Вождовац.
– Полицијата се подготвуваше да ме известат дека го изгубив синот, но јас ги изненадив. Не знаеја како да ми кажат. Го прашав полицаецот што мисли дали да одам во Нови Сад, тој кимна со главата и почна да плаче… Друго не се сеќавам, знам дека завршив на подот – вели Дијана и додава дека таа некако успеала да стигне до Нови Сад, каде го идентификувала телото во Институтот за судска медицина.
– Кога стигнав до таа станица, не знаев каде да го барам, дали таму падна настрешницата, или каде ги запалија свеќите. Каде да ја барам мојата љубов, каде? – вели неутешната мајка додека ја прегрнува фотографијата на синот:
– Едвај чекав да дојдат бившиот сопруг и синот, морав веднаш да го видам. Сама влегов во таа просторија на Институтот за судска медицина, не знам ни како. Имав сила, сакав да се уверам дека тоа е моето прекрасно момче со сини очи, мојот насмеан Стефан – вели таа
Дијана Хрка објаснува дека имала бројни проблеми додека не го презела телото на својот син, но дека на крајот успеала достоинствено да го погреба.