-Со Ивана немавме класична свадба, туку еден вид на голема журка – вели градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, по повод свадбената забава која се случуваше во петокот, по познат ресторан во Скопје, а на која беа присутни многу јавни личности.
За ,,Фокус” открива дека на веселбата присуствувале 540 гости и траела до четири часот наутро.
-Замислата ни беше да направиме еден вид на забава каде доминираше журкањето и младите луѓе. Веќе имавме покласична прослава во месец јуни, кога се венчавме во матично и во црква – раскажува Богоев.
Додава дека со Ивана продолжуваат со секојдневните обврски, а медениот месец ќе почека до Нова година.
-Се уште не сме договориле каде ќе одиме на меден месец, но најверојатно ќе биде некаде близу, во околината, околу Нова година. Околу шпекулациите дека бебето е на пат, нема такво нешто, се уште не сме се посветиле на проширување на семејството – ни изјави градоначалникот, кој годинава на почетокот на февруари ја запроси Ивана по речиси десетгодишна врска, со торта во форма на кутија за накит и прстен од фондан.
-Меѓусебно, максимална поддршка сме си во кариерите, а и семејствата ни се блиски. Дури и во најкритичните и политички ризични моменти за мене, Ивана секогаш максимално ме поддржувала. Не се плаши, решителна е во тоа што го сака – раскажа Стефан во интервју за ,,Фокус”, набргу по свршувачката.
Вики Клинчарова