СТЕЧАЈ НА СКОПСКИ „БЕТОН“: Одбиен е планот за реорганизација, подносителот се жали пред апелација!

Собранието на доверители на „Бетон Скопје“ го одбило планот за реорганизација поднесен од „Фего Инженеринг“, каде, како што веќе пишуваше „Фокус“, содружник бил Горан Мауровски, зет на Минчо Јорданов, кој го поседуваше некогашниот градежен гигант пред да падне во стечај преку офшор-фирма од Британските Девствени Острови. По ваквата одлука, основниот граѓански суд донел решение, но, според нашите информации, „Фего Инженеринг“ поднел жалба до второстепениот апелациски суд, кој се уште не донел одлука. Ако решението стане правосилно, тогаш почнува продажба на имотот со цел обезбедување на побарувањата на доверителите, меѓу кои доминираат банките.

by Фокус

Собранието на доверители на некогашниот градежен гигант „Бетон Скопје“  го одбило планот за реорганизација поднесен во рамки на стечајната постапка од страна на компанијата „Фего Инженеринг“, чиј доминантен содржник, како што неодамна објави „Фокус“,  бил зетот на бизнисменот Минчо Јорданов, кој долги години го поседуваше скопски „Бетон“ преку офшор фирма со седиште на Британските Девствени Острови.

Поранешна фирма на зетот на Минчо ќе го воскреснува скопски „Бетон“ од стечај!

Имено, сo решение од 18.11.2024 година на скопскиот граѓански суд, кое е доставено и до Централниот регистар, се констатира дека Собранието на доверители co мнозинство од присутните доверители каде гласањето се одвивало по групи, не го прифатило планот од 29.07.2024 година поднесен од „Фего Инженеринг“ за реорганизација на должникот „Бетон АД Скопје“ – во стечај.

На тој начин, стечајната постапка над стечајниот должник „Бетон Скопје“ продолжува co т.н. впаричување на имотот на должникот, што всушност значи продажба на имотот со цел сервисирање на обврските кон доверителите, каде доминираат банките, при што една од нив веќе си го наплатила побарувањето преку продажба на управната зграда претходно ставена под хипотека.

Според нашите информации, токму банките застапени во Собранието на доверители го имале главниот збор да се отфрли планот за реорганизација, бидејќи проценуваат дека полесно ќе ги наплатат побарувањата преку продажба на заложениот имот, отколку преку реактивирање на компанијата, што носи неизвесност и ризик дали таа повторно ќе може да застане на здрави нозе.

Сепак, пред да почне тој процес мора да се почека правосилност на решението кое го донесе основниот граѓански суд по одлуката на Собранието на доверители на „Бетон“ да го одбие планот за реорганизација на „Фего“, бидејќи, според нашите сознанија, подносителот на одбиениот план поднел жалба до второстепениот апелациски суд, кој се уште нема донесено одлука.

Ако апелација ја прифати жалбата, тогаш постапката се враќа назад. Но, ако првостепеното решение стане правосилно, тогаш веќе нема опција за реорганизација, односно нема можност истиот или друг подносител да поднесе нов план кој евентуално би бил прифатлив за доверителите. Во таква ситуација, започнува процес на обезбедување на нивните побарување според приоритет, по што следува и ликвидација.

Како што претходно пишувавме, „Фего Инженеринг“, која поднесе план за реорганизација на „Бетон Скопје“, била во косопственост на зетот на Јорданов – Горан Мауровски. Оттука произлегуваше дека поранешна фирма на Мауровски се обидува да ја спаси градежна компанија што ја поседуваше неговиот дедо Јорданов пред да падне во стечај, притоа оставајќи ги недовршени објектот на Народна банка, споменикот „Мајка Тереза“, хотелот до ВМРО-ДПМНЕ, црквата „Свети Константин и Елена“

Донесено е решение за утврдени и оспорени побарувања, од кое може да се види колкави побарувања се утврдени на доверителите. Имотот со кој располага друштвото може да се види од извештајот на стечајниот управник, пописот и проценката на имотот. Предметот е во фаза на извештајно собрание од кое ќе зависи текот на постапката“, ни одговорија тогаш од надлежниот скопски граѓански суд, од каде уште додаваат дека сѐ уште нема намирување на доверители.

Повеќе информации за стечајната постапка добивме од судските решенија доставувани до повеќе институции. Според проверките што ги извршивме, во април 2023 година е објавено решение на судот, според кое предлогот за стечај поднесен од десетина вработени во скопски „Бетон“ се усвојува. Во меѓувреме, со решение донесено во јуни 2023 година, се основал привремен Одбор на доверители на стечајниот должник во состав: Халк банка“, „Сивил Инженеринг“ и „Адинг“.

Веќе во февруари 2024 година, пак, се извршило утврдување на побарувањата на доверителите, така што „Стопанска банка Скопје“ имала разлачно побарување од над 781 милион денари, плус камата. Потоа, сo решение од март 2024 година се констатира дека Собранието на доверители донело одлука деловниот потфат на стечајниот должник да продолжи, а во Одборот на доверители да влезат уште 2 фирми-доверители – „Веле текстил“ и „Пескара Вел“.

Патем, се задолжиле 2 компании во рок од 45 дена од денот на добивање на овластувањето да достават план за реорганизација на должникот согласно Законот за стечај. Една од нив е „Јастреб Констракшн“, поврзана со турскиот холдинг „Бахаш“, која неодамна го презеде „Силекс Неметали“. Тие не поднеле план за реорганизација, но тоа го сторила другата компанија што пројавила таков интерес и добила такво задолжение.

Тоа е споменатата Фего Инженеринг“, градежна компанија основана во 2009 година, која моментално е во сопственост на двајца партнери и има 2 фирми-ќерки. Како сопственици на „Фего“ се јавуваат Златко Стојаноски и Огнен Христов, кој воедно е управител на друштвото. Оваа компанија се јавува како (ко)сопственик во „Бонанова“, основана во 2016 година за „трговија на големо“, и во „Дакт Инг“, основана во 2019 година за „општи машински работи“.

Нашите проверки открија дека Христов бил и сѐ уште е дел од други фирми, меѓу кои е градежната компанија основана во 2021 година „Мондриан Груп“, каде што се јавуваат уште двајца содружници. Еден од нив е веќе споменатиот Мауровски, кој, како што наведивме, е во роднинска врска со Јорданов. Покрај тоа, Мауровски го лоциравме и како газда на „Мерген“, друштво за трговија основано во 2016 година, чиј управител пак е Стојаноски.

За потсетување, Мауровски беше поставен и за генерален директор на скопски „Бетон“, која неговиот дедо ја поседуваше преку офшор-фирма. Набргу потоа, „Бетон“ падна во стечај, но од податоците што ги обезбедивме испаѓа дека обид да го спаси градежниот гигант имаше и се уште има друштвото („Фего Инженеринг“) на лицата (Христов и Стојаноски) со потврдени деловни и бизнис-односи со Мауровски („Мондриан“ и „Мерген“).

Дополнително, историјатот на промени покажува дека „Фего Инженеринг“ е основана во 2009 година со влог од 5.000 евра од страна на Христов. Тој бил единствен содружник се до 2016 година, кога во сопственичката структура влегува Мауровски. Нови промени нема до следната 2017 година, кога Мауровски станува доминантен содружник.

Така е сѐ до април 2021 година, кога тој му го пренесува уделот на Стојаноски, управител во негова друга фирма – „Мерген“. До денес, Стојаноски е доминантен содружник во „Фего“, каде што помал партнер останува Христов, партнер со Мауровски во „Мондриан“.

„Планот за реорганизација е изготвен и предаден до надлежните институции, изготвен е од страна на компетентни експерти и е резултат на темелна и внимателна подготовка. Целта на овој план е да се обезбеди најдобро решение за компанијата и нејзината иднина, а неговата реализација бара одобрение од одборот на доверители, кои се клучни за понатамошниот тек на процесот.

Она што можеме со сигурност да го кажеме е дека ние, како „Фего Инженеринг“, ќе вложиме максимални напори за оваа важна компанија, Бетон АД Скопје повторно да се врати на позицијата што ја заслужува во македонската економија и градежништвото. Таа е столб на индустријата во земјава, и нејзиното враќање во поранешниот сјај е од клучно значење, не само за компанијата, туку и за целокупниот развој на градежниот сектор во Македонија“, ни одговорија од „Фего Инженеринг“.

Пред да падне во стечај, скопски „Бетон“ имаше обид да продаде имот со цел да обезбеди свежи средства. Таква одлука, Собранието на акционери донесе за хотелот во Охрид и недоградениот хотел до седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, но тоа го спречи одлука на Јавното обвинителство да го замрзне имотот. Па така, продаден беше само хотелот во Дојран, кој заврши во сопственост на „Репро 21“, во сопственост на „Репро Оне Лимитет“ со седиште во Британски Девствени Острови, преку која Јорданов поседуваше најголем дел од акциите во „Бетон“.

Минчо се пријави како сопственик на офшор-фирма со огромен имот

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости