Поранешниот министер за финансии, Зоран Ставрески, заедно со другите поранешни министри ќе формираат Совет како експертско тело коешто ќе биде дел од СЕФФ Форумот на којшто ќе се разгледуваат актуелни прашања и теми за коишто е потребен консензус во општеството.
Ваква иницијатива произлегла на денешната средба на актуелниот министер за финансии, Фатмир Бесими со поранешните министри за финансии од осамостојувањето на државата, соопштуваат од Министерството.
На средбата присуствувале Џевдет Хајредини, Таки Фити, Никола Поповски, Зоран Ставрески, Трајко Славески и Кирил Миноски, додека останатите, кои ја вршеле оваа функција од објективни причини не дошле на средбата, но интенцијата е и тие да бидат дел од Советот.
-Советот на поранешни министри за финансии ќе претставува тело кое ќе функционира како дел на Скопје економски и финансиски форум – СЕФФ и истиот ќе биде активен во текот на целата годината за прашања и теми важни за економскиот развој на земјата. Улогата на Советот е да даде солидна основа на Форумот во градењето кредибилни економски политики преку инклузивен и транспарентен процес. Тоа ќе биде пред се тело на експертско ниво во кое искуството и знаењето на неговите членови ќе претставуваат додадена вредност во креирањето на политиките, соопштуваат од Министерството.
Ставрески откако даде оставка од функцијата и после објавувањето на „бомбите“ го немаше неколку години во јавноста.
Се активира неодамна кога опозициската ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека тој ќе биде во работното тело што го формриаше опозицијата со цел да го мониторира работењето на новите градоначалници од партиските редови и остварувањето на предвидените проекти во општините што ги раководат.