Министерот за финансии, Зоран Ставрески, му даде рок од 48 часа на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, да му се извини, во спротивно најави дека ќе му поднесе тужба за клевета и навреда. Реакцијата на министерот следува по денешната прес конференција на Шилегов, во врска со бизнис зделката која германската фирма „Лудвиг Фајфер“, сместена во куќата на министерот Јанакиески, ја добила од македонската влада.
„Бидејќи на неколку наврати Шилегов со тенденција го споменува вицепремиерот и министер за финансии Ставрески дека потпишал договор со фирмата изведувач на канализационата мрежа во Прилеп, го повикуваме г-динот Шилегов јавно да го покаже документот за кој тврди дека Ставрески го потпишал. Доколку Шилегов во рок од 48 часа не се извини јавно за изречената клевета согласно член 13, став 3 од Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда вицепремиерот Ставрески ќе поднесе тужба за клевета“, стои во соопштението на Министерството.
Од таму додаваат дека договорите за ИПА ги одобрува и ги потпишува и Делегацијата на Европската Унија во РМ, односно претставникот на ЕУ во Македонија евроамбасадорот Аиво Орав, врз основа на претходно спроведена тендерска постапка согласно ЕУ правилата за набавка со средства од европските фондови.
„Овие договори не се потпишуваат во четири очи како што тврди Шилегов, туку тие се предмет на транспарентна постапка на избор на најповолен понудувач. Реализацијата на проектот е под континуиран мониторинг од Делегацијата на ЕУ. Дали Шилегов исто така шпекулира на инволвираност на ЕУ во нетранспарентен избор на фирмата за канализационата мрежа во Прилеп?“, стои во соопштението.