Ставовите на Заев причина за препукувања меѓу Коѕијас и Кумуцакос

by fokus

Последните јавно изнесени ставови на македонскиот премиер Зоран Заев, беа причина за нови препукувања меѓу власта и опозицијата во Грција. Одговорниот за надворешна политика во Нова демократија Јоргос Кумуцакос, побара одговори од владата за што точно преговара, на што реагираа од прес службата на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас дека опозицијата била детално известена за грчките позиции на средбата Коѕијас – Кумуцакос.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, прашањето за името, уште еднаш во Грција беше повод за внатрешно-политички превирања.

– По изјавите на Заев за агенцијата МИА, дека Скопје не разговара за промена на Уставот, ниту за име за севкупна употреба, односно ерга омнес, сите Грци се прашуваат: за што преговара владата на Ципрас, Каменос, Коѕијас? Очекуваме конечно одговор, вели Јоргос Кумуцакос, одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија.

Од прес службата на шефот на грчката дипломатија, преку соопштение одговараат дека пред две седмици, Никос Коѕијас го известил Јоргос Кумуцакос за сите случувања околу името.

– Секако, ако Нова демократија сака да биде опозиција само колку да се каже, користејќи ги како аргумент изјавите на премиер на друга земја, во конкретниот случај на ПЈРМ, а не на грчкиот премиер и грчкиот министер за надворешни работи тоа е нејзина работа. Но, така, уште еднаш ја покажува големината на неодговорноста во управувањето со националните прашања, соопштуваат од прес центарот на Коѕијас, објави грчката државна агенција АНА-МПА.

Како што вчера објави МИА, текст објавен во грчкиот весник „Та неа“ за разговорите за името и наводно пазарење меѓу Атина и Берлин, исто така предизвика реакции и меѓусебни обвинувања на релација власт- опозиција во Грција.

Поврзани новости