Ставовите на Малески не се совпаѓаат со оние на Пендаровски, велат од претседателскиот кабинет

by fokus

Ставовите на професорот Денко Малески, искажани во неговото интервју за бугарската телевизија „Европа“, не се совпаѓаат со оние на претседателот Стево Пендаровски, но шефот на државата ќе ја продолжи соработката со нег, велат од кабинетот на претседателот.

Реакциите на јавноста не запираат по јавниот настап на Малески, кој зборуваше за македонско-бугарските отворени прашања.

„Последните јавно искажани ставови на професорот Малески не кореспондираат со размислувањата и ставовите на претседателот Пендаровски за македонско-бугарските односи. Меѓутоа, тој факт не значи дека претседателот Пендаровски не треба да соработува со професорот Малески. Одамна е зад нас времето кога сите советници на претседателот и премиерот, до последен, имаа задача само да ги повторуваат ставовите на своите претпоставени“, велат од кабинетот на Пендаровски.

Оттаму додаваат дека професорот Малески е надворешен советник на претседателот Пендаровски, кој има уште двајца надворешни советници за прашања од областа на надворешната политика. Во кабинетот постојани советници за овие прашања се амбасадорот Гоце Карајанов и д-р Александар Љ. Спасов, со кои претседателот е во комуникација на дневна основа, велат од кабинетот на претседателот.

Поврзани новости