СТАВ НА КОМОРАТА ЗА ЗАДОЛЖИТЕЛНО ТЕСТИРАЊЕ НА НЕВАКЦИНИРАНИТЕ ЛИЦА ВО ПРИВАТНИОТ СЕКТОР

by fokus

Стопанската комора на Северна Македонија уште еднаш апелира во јавноста за предлогот како да се определи заштита на вработените во приватниот сектор во услови на сеуште актуелен ковид 19 вирус. Нашето барање, кое го доставивме и до Владата на РСМ на 15.11.2021 година, а имавме и прес конференција на 17.11.2021 е определување на задолжителна мерка за тестирање на невакцинираните вработени лица кој го немаат прележано вирусот Ковид 19 во последните 6 месеци.

Сакаме повторно да укажеме дека ставот на бизнис заедницата е вработените за време на извршување на работата мора да исполнуваат еден од условите за заштита од корона вирусот накратко наречен “ВПТ”: вакцинација од вирусот, прележан COVID-19 или да се тестираат. За вработените кои не се вакцинирани или го немаат прележано вирусот да се предвиди воведување на задолжително тестирање најмалку еднаш неделно со брзи антигенски тестови, со само-тестирање или во државни или приватни дијагностички центри, како ќе одлучи работодавачот. Не случајно се предлагаат брзи антигенски тестови кои се значително поевтини од ПСР тестовите и се согласно искуствата и во другите земји.

Трошокот за тестирање со брзи антигенски тестови исклучиво треба да е на терет на работникот, за да се постигне подигнување на степенот на имунизација во пократок временски период и да се спречат мутациите на вирусот. Во спротивно, ваквиот трошок, за бизнис заедницата е непродуктивен, односно трошок без ефект кои во услови на пандеја, здравствена, економска и енергетска криза е неоправдан.

Во насока на реализација на спроведување на мерката на задолжително тестирање без истата да предизвика значителни материјални трошоци за работниците, а и поради ризикот од покачување на цените на антигенските тестовите во услови на зголемена побарувачка, бизнис заедницата предлага Владата на РСМ согласно Законот за трговија да донесе Одлука да ја определи највисоката цена (набавна односно увозна цена со оглед дека нема домашно производство зголемена за разумна маржа) за овој вид на тестови.

Ние како Стопанска комора на Северна Македонија, ќе упатиме повик до нашето членство, согласно барањата на синдикалните организации да овозможат за вработените кој ќе се вакцинираат 2 дена платено одсуство од работа.

Мора да се има предвид дека заеднички мора да работиме на подигнување на степенот на вакцинација, заради што и Комората спроведе и анализи и сериозни дискусии низ членството, со цел се спречат и мутациите на вирусот во што пократок период, и предлага мерката да стапи на сила што поитно, но да се даде период за можност невакцинираните лица кои се во работен однос да се вакцинираат.

ПР

Поврзани новости