Во изминатите триесет и три години, трите статус кво клана СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ градеа систем Мафијадонија, со цел да владее хаос и народот да биде беден духом и телом. Таквата општествена состојба овозможуваше, на актуелниот владејачки клан да демонстрира способност за „надминување на хаосот“ и „обезбедување стабилност“ во беспоредокот, кој сам го генерираше.
Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ
Пропадна повикот на премиерот Мицкоски за заедништво и сплотеност. Дел од десетте понудени принципи беа и воспоставување правна држава, департизација на институциите, подобрување на животниот стандард, мораториум за продуцирање етнички теми и градење патриотизам, кој ги обединува сите граѓани.
Сосема очекувано, десетте проповеди за промени беа игнорирани и нема шанса такво нешто да се случи. Се распрснаа како меур од сапуница, бидејќи се копи пејст на тридецениските декларативни, демагошки и лицемерни заложби на сите претходни политички гарнитури на власт. Повик упатен според принципот „Не гледај што правам, слушај што зборувам!“
Невозможна мисија поради воспоставените „турли-тава“ вредносни категории со консоцијативни елементи. Од правото „победник со победник“ и двојазичност, преку „Бадентер“ за донесување клучни одлуки до „балансер“ со правична застапеност на етникуми, како и тотална партизација со продуцирање ГМО елита од голтари и тапанари.
МАФИЈАДОНИЈА
Во таква забегана стварност се легализира и етаблира сокриена „петта власт“ за „упражњавање“ тежок криминал, висока корупција, неказнивост и други мафијашки скаламуции. Згора на тоа, народот уште повеќе се подели по хоризонтала, вертикала и дијагонала, исто како и политичарите. Во тој контекст, посебен проблем е немањето внатрешна кохезија кај Македонците!
Со еден збор – маф работа!
Сумарно, душа дава за маткање! Политикантите маткаат, или, народски, „продаваат рогови за свеќи“, идиом, кој не се толкува буквално, туку фигуративно. Со него прекрасно се доловуваат работи, кои виртуозно ги прават – маткаат гледајќи во очи без да трепнат, глумејќи мртва сериозност и убедливост.
Доколку се сака да се биде пристоен и политички коректен, ваквиот стил на матикашите може да се нарече „продавање ветер и магла“, но суштината останува иста: трескање без врска, кое звучи така примамливо, што едноставно мора да се поверува.
Во изминатите триесет и три години, трите статус кво клана СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ градеа систем Мафијадонија, со цел да владее хаос и народот да биде беден духом и телом. Таквата општествена состојба овозможуваше, на актуелниот владејачки клан да демонстрира способност за „надминување на хаосот“ и „обезбедување стабилност“ во беспоредокот што сам го генерираше.
Системот идеално се совпаѓа со една популарна теорија за „државата како стационарен бандит“ од американскиот економист Менсур Олсон (1932-1998).
Според неа, државата се преобразува во своевидна банда, која владее со народ на определена територија.
Со текот на времето, бандата сфаќа дека поради пречењето од соседни банди, повеќе не може да го шири владеењето, па почнува да го експлоатира сопствениот народ.
Тоа не го прави грубо и бескрупулозно, затоа што знае дека народот ќе се бунтува или ќе исчезне. Затоа, експериментално се определува за некој разумен степен на експлоатација, одземајќи само дел од вишокот на вредноста и оставајќи му на народот доволно средства за репродукција.
МАКЕДОНЕЦ ПРОТИВ МАКЕДОНЕЦ
Концепцијата како да е пишувана за „стационираните бандити“ во Мафијадонија, држава креирана од трите статус кво клана. Се разбира, немаат потреба од демократија и правна држава, па не градат независни институции, затоа што без корупција не може да владеат.
„Државната банда на власт“ има потреба од народот само како консуматор и плаќач на давачки, даноци и акцизи за издржување на администрацијата, полицијата, обвинителството, судот.
Остатокот го ограбува, а дополнително го пљачка државниот буџет и го полни чекмеџето. Сѐ што ја интересира е колку пари се потребни за купување гласови за потврдување на легитимноста, за што на гласачите им нуди празни ветувања, бесплатен превоз, зголемување социјална помош, студентски оброк, пензии итн.
„Стационираните бандити“ на власт секогаш проповедаат заедништво и сплотеност, иако на крајот од умот не им текнува за тоа. Кога ќе заминат во опозиција, пак, со индигнација ги одбиваат понудените принципи и реформи. Историски, никогаш не биле сплотени, туку губеле време и битки против душманите, но и меѓусебни клановски сотрувања.
Денешните два статус кво клана од македонскиот блок, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, во тој поглед воопшто не се разликуваат. Тие се континуитет на погубниот синдром „Македонец се бори против Македонец, во име и за Македонија!“