Сметајќи на Вашата професионалност и долгогодишно искуство, сметаме дека со објавата објавена на 24.01.2024 година со наслов „Анима мунди: Да запре убивањето кучиња во ЈП Лана-Струмица и да се овозможи, непречен влез на активистите!“ на Вашиот медиум , го наруши во целост нашиот углед, како на целата организација, така и на лична основа и овој Ваш пост сакаме да го демантираме во целост.
Имено, тврдиме дека заловените бездомни кучиња добиваат хуман третман и дека воопшто не се тероризираат животните, туку напротив добиваат третман кој е максимално усогласен со сите европски регулативи и им даваме пред се љубов и грижа. Бездомните кучиња се враќаат на улица после целосно спроведен третман кој вклучува тест за леијшманија, тест за социјализација, кастрација/стерилизација, третман против внатрешни и надворешни паразити, вакцинација, терапија и хируршки зафати, доколку е потребно, чипирање и обележување со ушна маркица. За секое заловено бездомно куче кое поминало низ нашите процедури, уредно се води историјат и успешноста на нашата работа е признаена како од домашните така и од меѓународните институции.
Правото на протест, како основно граѓанскоправо, го поддржуваме во целост, но Вие како медиум имате обврска на вака изнесени ставови да побарате и втора страна, во овој случај, претставник од нашата организација по било кој пат.
Бидејќи сметаме дека се нарушени основните етички норми во новинарството, оваа објава ќе биде предмет на Комисијата за жалби при СЕММ.
Демантот бараме да биде објавен во целост на Вашиот медиум и Ве покануваме (како и сите заинтересирани страни) да дојдете и лично се уверите за нашите активности и третманот на кучињата.
Се надеваме дека оваа грешка нема да Ви стане пракса и во иднина Ви стоиме на располагање за сите информации од јавен карактер.
Со почит
Сузана Стојкова – ВД Директор на ЈПЗБК Стационар-Лана Струмица