Интерес за достава на јаглен од 3 држави, колку ќе чини набавката?

Заклучно со денес, фирми од Македонија, Грција и Косово пројавиле интерес да достават понуда во рамки на тендерот за набавка на јаглен. Токму на нивно барање, велат од АД ЕСМ (ЕЛЕМ), е продолжен рокот за 3 работни дена, со цел да ги комплетираат понудите. Засега, не се знае колку ќе чини набавката, но опозицијата изнесе проценка од над 50 милиони евра.

by Фокус

Државната компанија за производство на струја АД ЕСМ или поранешна ЕЛЕМ изврши измена на јавниот повик за набавка на јаглен, со што всушност се продолжува рокот за доставување на понуди за 5 дена, така што заинтересираните компании, наместо до денеска, ќе може да достават комплетна понуда до понеделник.

Станува збор за интервентна набавка на вкупно 1,2 милиони тони јаглен (лигнит) за потребите на рударско-енергетските комбинати РЕК Битола и РЕК Осломеј, со тоа што, се наведува во јавниот повик, количините се ориентациони и ќе зависат од квалитетот на јагленот и средствата предвидени за набавката.

Како што велат од ЕСМ/ЕЛЕМ за Фокус, заклучно со денес, интерес за доставување на понуда пројавиле компании од Македонија и од соседните Грција и Косово, без притоа да се прецизира за колку компании станува збор. Токму на нивно барање, појаснуваат од таму, продолжен е рокот за 3 работни дена со цел да достават „соодветни и комплетни понуди“.

Вредноста на набавката не е објавена и нејзиното објавување во фаза на прибирање понуди е комерцијално чувствително – ни одговорија од државната компанија за производство на струја во однос на прашањето колку изнесува проценетата вредност на набавката, односно колку средства се планира да се потрошат за оваа намена, со цел да се се утврди колкави заштеди ќе донесе преку намалување на потребата за увоз на струја.

Како што е познато, оваа набавка доаѓа во време на турбуленции на пазарот на електрична енергија, каде во изминатите 8 месеци се бележи енормен раст на цената на струјата на берзите. Имено, цената за дури трипати зголемена во овој период, па од 56 еевра за киловат час порасна до 170 евра за киловат час, со тенденција да достигне 200 евра во следниот период.

ТЕНДЕР ТЕЖОК НАД 50 МИЛИОНИ ЕВРА?

Во таква ситуација, директорот на АД ЕСМ (ЕЛЕМ), Васко Ковачевски, истакна дека како гарант и стабилизатор на цената на електричната енергија, планираат дополнително производство во периодот од декември 2021 до април 2022 година. Токму во таа насока, додаде тој, е распишан меѓународен јавен повик за набавка на јаглен, со цел да работи и третиот блок во РЕК Битола, како и да продолжи работењето на РЕК Осломеј.

Со оваа произведена електрична енергија ќе го зацврстиме електро-енергетскиот систем, додека дополнителните количини, односно вишоци на енергија, АД ЕСМ ќе ги продаде на слободниот пазар и со тоа ќе оствари дополнителен приход за компанијата и за државата – изјави Ковачевски.

Додека се уште е официјално непознато колку ќе чини набавката на јаглен, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој е поранешен директор на ЕЛЕМ, посочи дека за набавка на јагленот ќе се потрошат над 50 милиони евра. Според него, тој најверојатно ќе се носи од Косово по копнен пат со камиони кои, како што нагласи, ќе направат штета врз патиштата и ќе создадат ризик во сообраќајот.

Пред да почне грејната сезона на депонија во Битола треба да има 500 илјади тони јаглен. Они немаат ни 50 илјади и сега викаат ќе носиме, и нормално тендер ќе биде. Најверојатно тоа ќе биде од Косово како држава со најголем потенцијал. За да ги донесете вас ќе ви требаат 500 камиони, кои треба да се натоварат некаде и да ја поминат Македонија – рече Мицкоски.

Во меѓувреме, Стопанската Комора искажа загриженост од растот на цените на електричната енергија на регионалните берзи, и од Владата побара итни мерки да се обезбеди поевтина домашна електрична енергија преку АД ЕСМ, по пат на зголемување на производството на државната енергетска компанија, со цел да се заштити стопанството.

ВИСАТ ЛИЦЕНЦИТЕ НА СНАБДУВАЧИ СО СТРУЈА

Засега, има стабилно производство на струја кое ги задоволува потребите на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум за снабдување на домаќинствата по цена пониска од пазарната, но стопанството се снабдува на слободниот пазар, па енормниот пораст на цените создава опасност од голем ценовен удар на еден од главните енергенси за стопанските субјекти-струјата.

Инаку, веќе пишувавме дека во овој период од 3 месеци неколку компании за трговија и снабдување со струја се соочиле со потешкотии при реализација на договорите со коминтентите за снабдување со електрична енергија, кои морале да се покриваат од резервите што ги чува државната компанија МЕПСО.

Затоа, АД МЕПСО упатила известувања до Регулаторната комисија за енергетика дека струјата што овие компании требало да им ја испорачаат на потрошувачите со кои имале договор, ама не ја испорачале бидејќи не ја набавиле во доволни количини, се покривала од системските резерви што ги чува МЕПСО, односно резервите во хидроелектраните.

Така, регулаторот покренал постапка за одземање на лиценците на одредени компании, што, истакнуваат од таму, не значи дека на крајот и ќе се случи ако во меѓувреме тие го коригираат нивното однесување, односно почнат да ги почитуваат договорите.

Меѓу нив е и „У-Повер“ на синот на поранешниот вицепремиер Муса Џафери-Аријанит Џафери, кој заработи кривична пријава за напад врз претседателот на РКЕ Марко Бислимоски. Како што своевремено пишуваше неделникот Фокус, негов партнер е синот на газдата на тетовската градежна фирма АК-Инвест, која, пак, поседува и две мали хидроцентрали.

Влатко Стојановски

Поврзани новости