Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска денеска на прес конференција го презентираа новиот Закон за субвенционирање на придонеси за раст на плати.
Со мерката за субвенционирање на придонесите поради покачување на платите се очекува од 20 до 25 проценти од вработените во приватниот сектор да добијат поголеми плати. За оваа мерка во Буџетот за наредната година се планиран 2 милијарди и 400 милиони денари. Барањата за субвенционирањето работодавачите ги поднесуваат преку месечната пресметна за интегрирана наплата до УЈП, каде проверуваат дали условите се исполнети и му прават пресметка за износот на субвенционирани придонеси.
– Субвенциите ќе важат за покачување на плата од 600 до 6.000 денари. Нема максимален износ на покачување на плата која компанијата сака да ја направи, но субвенциите ќе важат само за покачување до 6.000 денари. Со оваа стимулација за раст на платите не само што го покачуваме економскиот стандард на сите вработени кои ќе добијат покачување на плати во бизнис секторот туку влијаме и на зајакнување и раст на економијата, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на денешната прес-конференција во УЈП.
Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска појаснувајќи ја постапката за добивање на субвенциите истакна дека работодавачите барањето го поднесуваат преку месечната пресметка за интегрирана наплата со образец МПИН со внесување на ознака за лицето за кое го бараат субвенционирањето. Со внесување на шифрата, рече таа, УЈП за конкретното лице осигуреник и за работодавачот ја проверува исполнетоста на условите и за тоа го извесува работодавачот.
-Субвенционирањето се врши директно во пресметката со намалување на износот на придонеси за плаќање. Пресметката на утврдување на износот на придонесите, како и намалување на износот на плаќање е целосно автоматизирана процедура со што работодавачите на наједноствен начин да можат да го остварат правото. УЈП износот го дојавува до МТСП за тоа да ги плати субвенциите на придонесите, за висината на покажувањето на платите, рече Лукаревска.
Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија апелираше компаниите без страв и колебање да ја искористат оваа мерка.
Во вакви услови, вели тој, направивме добро решение за разлика од финансиската поддршка само за минимална плата која ја користеа само најлошите фирми со најниски плати. Ова, вели, е субвенционирање на сите плати без разлика на нивната висина, кое, рече, мислам дека ќе придонесе за општ раст на сите плати.
– Овој закон не прави притисок и товар, само олеснува. Минималната плата од декември ќе ги ублажи притисоците на оние со најмали плати. Но тој важи за сите. Ќе го користат трудоинтензивните дејности за исплата на минималната плата, но, и компании кои ова ќе го користат за покачување на плата на своите вработени не само заради законот, туку заради задржување на младите. Македонија се наоѓа во состојба во која од една страна имаме стопанство со структура каква што е со традиционални вредности и ниска додадена вредност, а од друга страна млади кои не прифаќаат да работат за ниски плати. Затоа, мора да се обезбедат услови нашето стопанство полека да го менуваме да имаме компании кои ќе даваат повисоки плати. Така ќе ги задржиме младите тука. Се разбира тоа не може да се направи преку ноќ, но и не треба да се чека со скрстени раце, рече Димитров.
Во врска со тоа дали може да се очекува манипулации на исплата на зголемената минимална плата, тој рече дека може да се очекува се, но начинот на кој треба се се справи државата со тоа се морковот и стапот.
-Субвенции за оние кои ќе сакаат чесно да работат, а контроли и казни за тие кои бараат враќање пари назад на рака, рече Димитров.
Таквите работодавачи, потенцира, го рушат угледот на сите работодавачи и затоа треба да бидат санкционирани. МИА