Блумберг Адриа, првата пан-регионална, мултиплатформска мрежа за деловни вести во Југоисточна Европа официјално почнува со работа денеска.
Содржината најпрво ќе биде достапна на дигиталната платформа, додека телевизијата ќе почне со работа наредната недела. Новата информативна мрежа, фокусирана на деловни и финансиски вести, ќе започне истовремено на пет пазари преку нејзините уреднички центри во Босна и Херцеговина, Хрватска, Северна Македонија, Србија и Словенија.
Повеќе од 130 локални новинари, коментатори, аналитичари и финансиски професионалци ќе создаваат оригинална содржина на сите пет регионални јазици. Преку својата соработка со Bloomberg Media, Блумберг Адриа ќе го искористи известувањето на 2.700 новинари и аналитичари на Bloomberg во 120 земји. Ќе ги комбинира преведените содржини на Bloomberg News со оригиналните извештаи од целиот регион за да создаде врвна дестинација за вести за бизнис лидерите во Југоисточна Европа.
Дигиталните содржини ќе бидат бесплатно достапни до 1 септември 2022 година за корисниците што ќе се регистрираат, соопштија од Блумберг Адриа.