Ако граѓанското општество не познава и признава разлики меѓу луѓето, без оглед на верската, националната, социјалната, политичката и сексуалната определба, секако не смее да дозволи ниту разлики поради возраста
Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ
Со староста луѓето го губат основното право, право на живот. Оваа мисла ја слушнав пред многу години и не ја разбрав во тој миг сета вистина која во неа се крие. Години подоцна и илјадници километри поминати по светов, во мигот кога имав доволно животно искуство и материјал за споредување, ја разбрав мислата во сета нејзина вистинита суровост, која овде на Балканот е животна вистина и начин на однесување и поимање на состојбите.
Овде на Балканот староста е болест, старците се маргинализирани и отпишани, одземени им се и гордоста и почитта, староста се доживува само како чекање на крајот. Многу права, можности, придобивки што до вчера ги ползувале постарите луѓе, со навршувањето на определен број години ги губат.
ГУБЕЊЕ НА ПРАВАТА
Губењето на тие права не е само поради годините што ги навршиле и физичката немоќ која со годините доаѓа, не е само ни поради односот на помладите и генералното гледање на староста како чекање на крајот, туку е тука и општествената незаинтересираност да им овозможи на постарите луѓе пристап кон вештините и знаењата кои би им го олесниле секојдневниот живот. Некој можеби нема да согласи со ова, можеби ќе рече дека е претерано но праксата и случувањата ќе го демантираат.
Редицата на возрасни луѓе во поодминати години кои ѕемнат на студот и кои се излагаат себе си на евентуална зараза со Ковид 19, што би било погубно за нивното здравје, ќе ви покаже дека овие луѓе во години немаат вештини и знаења за плаќања на сметки онлајн, ниту можност и место каде да ги научат потребните вештини.
Во време на пандемијата и полицискиот час, но и во едно нормално време, особено се потенцира потребата за набавка на храна и лекови кои на постарите луѓе им претставува голем товар кој е поврзан и со нивната физичка и кревка здравствена состојба. Но како овие лица да вршат онлајн-нарачки кога немаат потребни познавања и знаења да го сторат тоа.
Ништо подобра не е ситуацијата ни со вадењето и замената на личните документи, вадење изводи од родени или венчани. За да замените документи, мора да аплицирате на сајтот на МВР и да закажете термин за вадење или продолжување на лична карта, возачка дозвола, пасош.
За да извадите извод од родени или венчани, ситуацијата е уште посложена, па потребно е да креирате свој профил за да можете да ги ползувате овие услуги.
ПОМОШ ОД ВНУЦИТЕ
Банките, пак, бараат да имате имејл, кој треба да го креирате и да ја симнете нивната апликација од Плеј стор. За најголемиот број постари луѓе ова е научна фантастика и не се во состојба сево ова да го сторат затоа што немаат потребно знаење, но најбитно од се е што никој и не им нуди обука во оваа насока.
Единствениот извор и можност ова да го совладаат се нивните внуци, кои најчесто ниту имаат време, ниту желба да ги научат. Да не спомнувам што најголем број на младата популација, внуците се иселени во странство, па единствена можност бабата и дедото да комуницираат со нив е Скајп, Вибер или Зум, за кои исто немаат потребни вештини и знаења.
Неминовно е општеството да напредува, технологијата да се развива и да се применува за олеснување на животот, но таквиот напредок треба да го следи и едукација на оние на кои треба да им служи. За жал, тоа не се прави и општеството едноставно стихијно функционира по ова прашање, а државата незаинтересирано стои на страна. Дури и оние кои имаат најголем бенефит од оваа технологија, како што се банките, јавните претпријатија и давателите на услугите, кои го користат интернетот како алатка и медиум меѓу нив и граѓаните, не презема ништо за обука на нивните корисници и коминтенти.
Ова е само мал дел од она со што се соочуваат повозрасните лица, за висината на пензиите и нивната финансиска немоќ и да не зборуваме, а што може само со малку добра волја и труд да се надмине. Ако граѓанското општество не познава и признава разлики помеѓу луѓето без оглед на верската, национална, социјална, политичка, сексуална определба, секако не смее да дозволи ниту разлики поради возраста.