Стариот сјај на Макфест не се враќа, но затоа се презентираат модерни песни кои го одбележуваат новото време!

by Fokus

Викендов во Штип се одржа 39-то издание на реномираниот фестивал на забавни песни – Макфест 2024. За време на двете фестивалски вечери на сцената продефилира нови музички надежи, но и веќе докажани музички имиња помеѓу кои Елена Ристеска, Дарио, Антониа Гиговска, Дани Димитровска…

Со нов, модерен концепт, Макфест веќе неколку годни наназад има ревијален карактер и не се избира победник. Наместо гласање и награди за најдобри песни според публика и жири, се доделува награда за најслушана песна помеѓу два фестивала.
Годинава наградата од 2.000 евра ја добија Таско и Малена за песната ,,Сафир”.

-Македонската забавна музика е збогатена со нови 28 песни, кои ќе остават белег на новото време.
Наградата за најслушана песна меѓу двата фестивала заслужено ја понесе песната ,,Сафир” испеана од Малена и Таско која стана најслушан регионален хит со над 1.8 милиони прегледи на Јутјуб, истакна штипскиот градоначалник Иван Јорданов.

Фестивалот успеа да го привлече вниманието на пошироката јавност и е актуелна тема деновиве. На социјалните мрежи се полемизира дали сегашниот, осовремен Макфест, или пак Макфест од минатите времиња, кога беше популарен ширум Југославија и доаѓаа гости од сите поранешни републики, нудел подобри музички содржини.

Многумина се носталгични по стариот концепт на фестот, но и по квалитетните песни кои произлегоа од манифестацијата и станаа евергрини. Дел од јавноста пак, со комплименти го дочека новото издание, и актуелна е пораката дека ова е еден од ретките традиционални настани, каде се негува домашната музика и со кој се збогатува македонската музичка сцена.

-Никогаш нема да можеме да го вратиме стариот сјај на Макфест, но затоа работиме да можеме да го презентираме новиот сјај на Макфест и новото време, односно како што бара публиката.
Во таа насока беа напорите да се создадат нови услови и да се презентираат модерни хитови кои ќе го одбележат новото време, изјави градоначалникот Јорданов на прес конференцијата која се одржа пред почетокот на фестот.

Општина Штип е организатор на Макфест, а настанот е поддржан со околу сто илјади евра, средства од општинскиот буџет и од спонзори.

Вики Клинчарова

Поврзани новости