По 24 години од денот на сенародниот референдум, денот на најголема радост, се наоѓаме како држава во тешка политичка и институционална криза, можеби најтешка до сега! Што сега и како понатаму?
Би сакале раководството на партијата да е во состојба да го зголеми својот демократски капацитет и да ги праша своите членови, а и своите основоположници и воедно носители на првиот Устав на независна Македонија, што мислат за судбината на Македонија?
Што мислат за проблемот на екологијата на Скопје (статистички најзагаден град во Европа), Тетово, Битола?
Што мислат за екологијата на реката Вардар кога од Вруток се симнува низ центарот на Скопје и на која и претстои уште едно длабоко прекопување за најтешкиот мост во нејзината историја – т.н. панорамско тркало? За кое нема никаква потреба, бидејќи на 100 метра од него имаме природна панорама (старото Кале, симболот на Скопје)!
Што мислат за новиот споменик на Мајка Тереза, која ги собрала шишињата кисела вода на една конференција, како излишен трошок за да ги раздели на сиромашните? Што би рекла таа за толку милиони евра потрошени за нејзин споменик, гротескно грандиозен, додека нашите деца учат во две, па и во три смени, немајќи доволно училишта!?
Што мислат за заштитата на бисерот со кој не наградил севишниот; Охрид и Охридското Езеро!?
Што мислат за заштитата на нашиот роден македонски јазик и на нашето автентично историско наследство (иконите…)!?
Што мислат за симболиката која зрачи од новоизграденото седиште на партијата на улица Македонија, со својот „стил“ и неговото „урбанистичко“ решение. Навистина ли парите купуваат сè!?
Што мислат за уценувањето и присилувањето на граѓаните да гласаат за ВМРО – за да не бидат избркани од работа!?
Зарем до таму дојдовме!?
Што мислат за огромната диспропорција на распределбата на буџетот меѓу Скопје и градовите и населените места низ Македонија, која е закана за хармоничен развој на државата?
Што мислат за масовното иселување на младите, највиталните, најстручните наши деца!?
Што мислат за стабилноста на државата, не до следните избори (кои стануваат сè почести), туку за долгорочниот развој и опстанок на Македонија? Заради сложеноста на прашањето, тука не ја споменуваме фалш картата на која се игра во меѓуетничките прашања, не за долгорочна, туку за краткорочна добивка!
Недостојни за ВМРО се оправданијата, дека ние сме сепак подобри од нашите опоненти! Дури и да е така, тоа не ја спасува работата.
Треба да си признаеме дека не ни успева да отвориме нова страница како што ветувавме во 2006 година, за гонење на криминалот и корупцијата! Да си признаеме дека не само што не успеавме да излеземе од спиралата на злото, туку уште подлабоко се нурнавме во неа, така речи „шампионски“. „Ама ние многу градевме и изградивме!“ Да!
Зградите стојат, ама духот на народот, духот на граѓаните на Македонија, духот на Македонија го урнисавме! Затоа ни се исселува народот и не сака дури ни да се сврати назад.
И во минатото сме имале печалбари, ама убавото чувство, носталгијата за својата родна грутка не го напуштала. Нема правда, нема достоинственост, нема чест. За ова не можеме никого да обвинуваме, девет години кормилото е во наши раце!
Има ли излез? Има ли надеж? Да! На оној што ја согледува својата вина и сака да ја исправи и вселената му помага!
– Модернизирање на стариот апсолутистички статут во духот на вистинските европски народни – демократски партии, за да не останеме само „квази“ народна. Да ги отстраниме од тој застарен статут сите одредби кои несоодветствуваат со уставното уредување!;
– Развој и слобода на внатрепартиската мисла;
– Широки и слободни дебати, внатре во партијата по сите општествени состојби (атмосфера која ќе овозможи на Советниците на ВМРО во град Скопје да гласаат за тркалото и за новиот споменик на Мајка Тереза, така како што им налага нивната свест и култура!)
Вака нашата партија стана антипод на светите букви кои ги носи во името и единствено нешто што ќе потсетува на тие четири букви се спомениците на нашите војводи низ градот, за жал изведени плакатно, во манир на гола сила. Тие биле интелектиален и морален цвет на нацијата, решени на секакви жртви, во име на идеалите: „Сè за Македонија!“ Општото го ставале над личното и во нашиот случај сигурно своите ставови ќе ги бранеа отворено и чесно, небегајќи кукавички од директни соочувања со различномислениците, криејќи се зад пропагандисти, држејќи се цврсто за својата суета.
Отвореноста и чесноста е кислородот кој недостасува и во партијата и во општеството, за да може тоа да се залечи, да почне да пулсира. Да се ослободи од лажните аксиоми, да заживее и да стане привлечно за младите и за сите луѓе, како убав природен амбиент.
Ние како пратеници пред 24 години, иако се соочувавме со смртни казни по домашните телефони, со прозорци кршени со камења по нашите домови, имавме полесна ситуација, заради тоа што беше појасна! Знаевме што сакаме и кои се силите што го попречуваат тоа.
Денеска имаме лажни претставувања, поткрепени со пропагандни машинерии, кои внесуваат смут во главите на простодушниот и доверлив народ. Време е да се разбудиме од виртуелниот филм во кој се наоѓаме, за да тргнеме по патот кон реална стабилност, просперитет и иднина за нашата мала но достоинствена држава. Без коџабашијство, кое ниту ни личи, ниту ни помага.
Историска задача и долг на секој што разбира што се случува е тоа јасно да го каже, како во партијата, така и во јавноста, зашто се плашиме дека втора шанса како народ нема да имаме!
Затоа ги повикуваме сите членови на партијата длабоко да размислат пред носењето на секој одлука која значително ќе влијае на состојбите во државата, да размислат колку ги оправдуваат „светите букви ВМРО“ пред името на партијата и воедно секогаш да сметаат на помош од оние кои во неизвесните мигови на далечната 1990 година, и пред неа, ги удрија темелите на денешната држава.
Ратка Димитрова
Јордан Бошков
Ѓулистана Марковска
Горан Зафировски
Билјана Лазаревска
Никола Апостолоски
Цветан Јовчевски
Ташко Киров – Костенчев
Благоја Чкатровски
Борка Ѓорчески