Стара Градска болница функционира како Ургентен во време на корона, бројот на пациенти зголемен за два до три пати

by Frosina Fakova

За два до три пати е зголемен бројот на пациенти со ургентна патологија на Универзитетската клиника по хируршки болести „Свети Наум Охридски“ – Скопје, позната како стара Градска болница од почетокот на епидемијата на Ковид-19. Во периодот од 1 април до 12 мај направени се 5.523 прегледи и извршени се 193 хируршки процедури со доминантна застапеност од областа на трауматологијата, абдоменалната хирургија, неурохирургија, како и други општо хируршки инервенции.

Поради коронакризата во стара Градска болница изминатите два месеца се изведуваа само итни интервенци и операции кај пациенти со малигни заболувања, но, како што вели во интервју за МИА директорот на Клиниката, д-р Љубен Арсенков во периодот што следи се размислува секако и за начинот на постепено враќање во поинакви услови на работење.

Во Клиниката не се вршат тестирања за Ковид-19, бидејќи нема услови за тоа, но затоа, додава Арсенков, уште при првичниот контакт со пациентот и земената анамнеза, односно епидемиолошка анкета следена со мерење на температурата, се прави тријажа и пациентот се прима за натамошни иследувања.

-Доколку телесната температура е покачена или епидемиолошката анкета е позитивна, се превземаат дополнителни мерки за заштита и пациентот се препраќа во установи назначени за згрижување на овие пациенти, истакнува тој во интервјуто за МИА и очекува во иднина тестирањето да биде вклучено и таму во предоперативната подготовка кај пациентите.

Само пет вработени медицински лица од оваа Клиника заболеле од Ковид-19, а по спроведената самоизолација тие се вратени на работа. Внатрешна трансмисија не е забележана, како и заразување на хоспитализираните болни.

Иако граѓани реагираат дека поради епидемијата често пати не можат да добијат здравствена интервенција, Арсенков тврди дека буквално сите пациенти кои дошле до вратите на нашата болница биле прегледувани.

-Исклучително мал број пациенти се препраќани, и тоа најчесто по епидемиолошка индикација. Свесни дека наша должност е да ги згрижиме сите оние кои бараат медицинска помош, најодговорно и најпрофесионално одговоривме на сите предизвици. Најголем проблем можеби беше метежот што се создаваше на самиот влез во клиниката. Но, сето тоа беше неизбежно имајќи во предвид дека во нормални околности во амбулантата за ургентни случаи беа изведувани по нешто повеќе од 100 прегледи дневно, додека во последниве денови се случува да имаме и блиску до 300 прегледи во 24 часа. Имаше ситуации кога беше неопходна соработка со службени лица од МВР за воспоставување на редот, за што исто така морам да изразам огромна благодарност, и би сакал уште еднаш да истакнам дека се што работиме заедно со претставниците на полицијата е во корист на пациентите, со цел почитување на мерките и препораките и спречување на ширење на вирусот, вели Арсенков.

Поврзани новости