Договорот за одбрана меѓу Северна Кореја и Русија, потпишан во јуни, стапи на сила откако двете страни разменија документи за ратификација, објави денеска официјалната севернокорејска новинска агенција КЦНА.
Официјализирањето на договорот доаѓа откако САД и Јужна Кореја го обвинија нуклеарно вооружениот Север дека испратил повеќе од 10.000 војници да и помогнат на Русија во борбата против Украина. Аналитичарите велат дека севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун сака за возврат од Москва да добие напредна технологија и борбено искуство за своите сили.
Ким и рускиот претседател Владимир Путин потпишаа договор за стратешко партнерство за време на посетата на шефот на Кремљ на Пјонгјанг. Со него и двете земји се посветени на обезбедување воена помош „без одлагање“ во случај на напад на другата и на заедничко противење на западните санкции.
Тој стапи во сила синоќа, кога во Москва беа разменети документите за ратификација од страна на замениците министри за надворешни работи Ким Џонг-гју и Андреј Руденко, пренесе КЦНА. Руските претставници минатиот месец едногласно гласаа за договорот, а Путин подоцна го потпиша. Пјонгјанг соопшти дека го ратификувал указот на Ким.
Минатата недела, за време на посетата на рускиот министер за одбрана Андреј Белоусов на Пјонгјанг, Ким рече дека неговата влада, армија и народ „секогаш ќе ја поддржуваат политиката на Руската Федерација во одбрана на суверенитетот и територијалниот интегритет“.