Станува збор за недоразбирање, тврди вработениот во Општина Неготино, кој е пријавен дека присвоил пари од тезгаџиите на панаѓурот

by Fokus

Нема никакво оштетување на Буџетот на Општина Неготино, станува збор за недоразбирање, за „Фокус” тврди М.Д. (41), вработен во општината, а против кого е поднесена кривична пријава дека ја злоупотребил службената положба и овластување, и наплаќал пари во кеш од тезгаџиите на традиционалниот Неготински панаѓур.

Според СВР Велес, тој му нанел штета на Буџетот на Општина Неготино во висина од 98.100 денари, кои противправно ги присвоил.

-Надворешната канцеларија за криминалистички работи од ОВР Неготино поднесе кривична пријава против М.Д. (41) од Неготино, поради постоење основи на сомневање дека извршил кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување” предвидено во член 353 став 1 од Кривичниот законик.

Имено, пријавениот, во периодот од 14.09.2023 до 21.09.2023, во својство на овластено лице вработено во Општина Неготино, ја злоупотребил службената положба со пречекорување на своето службено овластување, при што на барателите за користење на јавен простор за манифестацијата „Неготински панаѓур 2023“, им наплаќал пари во кеш и на тој начин за себе противправно присвоил парични средства во износ од 98.100 денари, нанесувајќи штета на Буџетот на Општина Неготино – известија од СВР Велес.

Сепак, како што појаснува М.Д. целата сума која е спорна, била уплатена на општинската сметка уште во тек на Неготинскиот панаѓур, а до актуелната состојба довела неговата желба да им излезе во пресрет на негови пријатели, кои имале штанд на панаѓурот.

– Станува збор за луѓе кои ги знам долго време, тие имаат свој штанд за време на Неготинскиот панаѓур. Ми се јавија, ме замолија да уплатам пари во нивно име, јас се согласив. Но, имав обврски во Скопје и не можев да ја извршам уплатата истиот ден, но по неколку дена, значи во тек на панаѓурот јас ги уплатив паричните средства на сметката на општината. Нема никаква штета, Буџетот не е оштетен.

Јас сум долг период во општината и се сретнувам со секакви ситуации и луѓе, јасно ми е дека има и такви кои би сакале да ми напакостат. Но, оваа пријава според мене е неоснована бидејќи не е направена никаква финансиска штета на Буџетот.

Подготвен сум за соработка со надлежните органи, во интерес на вистината, бидејќи Неготино е мој град, и не сакам да ми остане дамка за нешто кое не сум го сторил, посебно кога се работи за незаконско присвојување на општински пари – истакна службеникот.

Инаку, во Неготино традиционално повеќе од еден век се одржува манифестацијата панаѓур, од 21-ви до 23-ти септември и во минатото привлекуваше десетици илјади посетители.

Се случуваше да има и над илјада тезги, но последните години интересот е опаднат и годинава имаше помалку од 300 штандови.

Вики Клинчарова

Поврзани новости