И од Градежната комора на Македонија очекуваат стабилизирање на цената на становите, откако директорот на Акционерското друштво за станбен и деловен простор (ПУИК), Зоран Ѓорѓијев, изјави вчера дека очекува намалување на цената по метар квадратен. Становите достигнаа цени по околу 2.000 евра за метар квадратен во пост ковид кризата, а од Градежна комора велат дека единствено што може да допринесе за стабилизација на цената е израмнување на односот понуда/побарувачка како и стабилизација на цената на репроматеријалите.
„ПУИК никогаш не бил и нема да биде регулатор на цената. Во моментов освен проблем што е малата понуда на станови, уште поголем проблем е недостигот на квалитетни станбени единици. Цената не очекуваме дека ќе ја достигне онаа пред ковид кризата, но очекувањата се дека ќе се стабилизира на 20 – 25 % повисока од пред Ковидот. Поради неконстантни цени на репроматеријали немаме цена која ќе кажеме дека важи за одредени области, туку сме сведоци на широк дијапазон на цени кои се движат во одредени реони со разлика од 300 до 400 евра за метар квадратен“. – вели Андреа Серафимовски Градежна комора за ТВ24.
Во извештајот на Државниот завод за статистика стои дека во февруари 2023 година се издадени 352 одобренија за градење, што е за 40.8 % повеќе во однос на истиот месец лани.