Стано: Ставовите на ЕУ и САД се речиси 100% идентични кога станува збор за Приштина

by Fokus

Портпаролот на Европската комисија – Петер Стано, денеска изјави дека позициите на ЕУ, генерално кажано, речиси целосно се совпаѓаат со ставовите на американските партнери, кога станува збор за Приштина и однесувањето на нејзините функционери.

Стано на брифингот со медиумите нагласи дека ЕУ не коментира поединечни забелешки, одговарајќи на прашањето за коментирање на изјавата на заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, дека ЕУ и САД имаат проблем во комуникација со премиерот на Косово – Албин Курти, како и забелешки дека Заедницата на српските општини се уште не е формирана.

– Не коментираме поединечни забелешки. Нашите партнери ја оценуваат ситуацијата како што им одговара. Можам само генерално да кажам дека, кога станува збор за Косово и однесувањето на актуелната администрација во Приштина, нашите позиции со нашите американски партнери се совпаѓаат речиси 100 отсто – рече Стано.

На прашањето дали може да ја потврди најавата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дека утре во Белград ќе пристигне специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, тој рече дека ЕУ не го коментира распоредот за работа на Лајчак и посочи дека Лајчак постојано патува за да ја врши својата работа, што е дел од неговиот мандат како специјален пратеник.

Стано нагласи дека е дел од работата и мандатот на Лајчак редовно да престојува во Белград и Приштина и да учествува на состаноци.

Вчера, во пресрет на денешната дводневна посета на Приштина, Ескобар на онлајн прес-конференција рече дека САД имаат проблем да комуницираат со Курти, како и со Европската унија, НАТО, Велика Британија и многу други како Албанија и Македонија.

Поврзани новости