Портпаролот на Европската унија, Петер Стано денеска изјави дека Охридскиот договор е политичка обврска на двете страни и она што земјите-членки на ЕУ и европските институции го очекуваат од Белград и Приштина.
„Тоа е политичка обврска на двете страни, тие се обврзаа да ги спроведат сите ставки без избор, а меѓународниот углед и кредибилитет на двете страни е тука во прашање доколку одлучат да не ги спроведат и да ги исполнат своите обврски“, рече Стано на прес-конференција.
На прашањето на албански новинар за судбината на Охридскиот договор бидејќи претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјавил дека Србија ќе спроведе некои делови од европскиот предлог за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, а не други, Стано одговори дека тој не би ги коментирал забелешките без целосниот контекст, но дека двете страни во Охрид се договориле веднаш да започнат со имплементација на сите точки од договорот, вклучително и анексот.