Портпаролот на Европската унија, Петер Стано, изјави дека пристапот на Унијата во дијалогот меѓу Косово и Србија е избалансиран и координиран со Соединетите Американски Држави, како и дека од двете страни се очекува да бидат конструктивни.
Тој на прес-конференцијата повтори дека мерките кон Косово се реверзибилни, но и дека ЕУ, доколку сите 27 членки заедно со САД увидат дека Србија не придонесува за деескалација на ситуацијата на северот на Косово, соодветно ќе наметнуваат мерки за Белград, пренесува „Танјуг“.
„Европската унија има 27 земји членки со 27 парламенти и илјадници парламентарци. Надворешната политика и пристапот на ЕУ кон партнерите се формираат едногласно од 27 земји-членки кои ги претставуваат нивните влади. Последното нешто што го направивме со оглед на влошената ситуација на северот на Косово беше воведувањето казнени мерки против Косово, поради неговата неподготвеност да ја деескалира ситуацијата“, рече Стано.
Тој изјави дека ЕУ многупати истакнувала различни аспекти и очекувања од двете страни ако сакаат да влезат во Унијата.
„Тие треба да се однесуваат на европски начин, што значи конструктивно кон деескалација. Кризите чинат пари и не помагаат на европскиот пат“, наведе Стано.