Портпаролот на Европската унија – Петер Стано денеска изјави дека нема докази дека Украина била вмешана во нападот на концертната сала во Москва.
На прес-конференција во Брисел, Стано рече дека загрижувачки се обидите на Кремљ да го поврзе нападот во „Crocus City Hall“ со Киев, во кој во петокот беа убиени 137 лица.
„Нема никакви индикации, нема докази дека Украина на било кој начин била поврзана со овој напад. Ги повикуваме руските власти да не го користат терористичкиот напад, кој прво го осудивме, како мотивација за интензивирање на агресијата против Украина или за зајакнување внатрешни лостови на репресија“, рече портпаролот на ЕУ.
А американската влада претходно објави дека „нема вмешаност на Украина“ во масакрот во предградијата на Москва, откако рускиот претседател Владимир Путин ја спомена можната поврзаност на терористите со Украина, бидејќи тие наводно се обиделе да побегнат во таа земја.
„Нема докази дека Украина била вмешана во масакрот во кој беа убиени 137 лица, а одговорноста за нападот ја презеде џихадистичката група Исламска држава“, изјави вчера американскиот потпретседател Камала Харис.