Стано: Фокусирани сме на спроведување на договореното, не ги коментираме изјавите

by Fokus

Портпаролот на Европската комисија Петер Стано не сакаше да ги коментира изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ и на косовскиот премиер Албин Курти за претстојниот дијалог на највисоко ниво, закажан за 2 мај во Брисел.

„Не ги коментираме изјавите што доаѓаат од која било страна, но со нетрпение го очекуваме дијалогот на високо ниво закажан за вторник овде во Брисел, бидејќи тоа е платформа за разговори за проблемите и потенцијално изнаоѓање решенија“, рече тој.

Тој потврди дека на дневен ред ќе се најдат Декларацијата за исчезнатите и Предлог-статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство во Косово.

„Во вторник, на 2 мај, претседателот на Србија и премиерот на Косово ќе дојдат во Брисел на покана на високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел, кој заедно со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак ќе ја одржат следната средба на највисоко ниво, кое ќе биде насочено кон имплементација на Договорот за патот кон нормализација на односите. Се очекува како прва точка на дневниот ред да ја прифатат Декларацијата за исчезнати лица. Потоа ќе биде презентиран првиот нацрт на статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство на Косово, по што ќе се разговара на таа тема. Потоа ќе има време и можност да се разговара за сите други теми од политичко значење“, потенцира Стано.

Тој не сакаше да шпекулира за можните резултати од средбата.

„Европската унија како посредник се обидува да им помогне на двете страни да постигнат напредок, да напредуваат во процесот на дијалог и да ги исполнат своите обврски. Здружувањето на општините со српско мнозинство на Косово е нешто што е веќе договорено, па затоа треба да се имплементира, како и бројни други работи кои се договорени и исто така треба да се исполнат. Одиме напред, правиме се што можеме за да им помогнеме на двете страни да го направат потребниот напредок кон имплементацијата. Тоа е нашата улога како посредник и тоа е нешто на што ќе се фокусираме наместо да шпекулираме и сценарија што би можеле“, рече Стано.

Поврзани новости