Станислав Петковски: Ако потрае кризата, ќе дојде до социјален замор и кај оние кои „седат“ дома и кај оние кои ги лечат

by Fokus

Текстот е објавен на 26 март, 2020 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1277

Ако потрае подолго, веројатно ќе дојде до вид на социјален замор и кај оние кои „седат“ дома, и оние кои ги лечат и оние кои ги контролираат. Можно е во поодмината фаза, на пример после два месеца, се повеќе да расте фрустрацијата и отпорот кон истите овие мерки кои се заштитнички, кои сега ќе се почувствуваат како поробувачки“, прогнозира Станислав Петковски, специјалист по клиничка психологија, психотерапевт од област на Трансакциска Анализа

Разговараше: Јадранка КОСТОВА

ФОКУС: Што повеќе влијае на човечката психа: изолацијата- човекот е социјално суштество, нели, или стравот од неизвесноста, во смисла до кога ќе трае оваа пандемија?

ПЕТКОВСКИ: Краткорочно, повеќе влијае стравот, особено од непознатото, особено што во овој случај „непријателот“ е невидлив. Тој доаѓа во форма на роднина, пријател а тој и самиот не знае дека го „носи“. На подолг рок, изолацијата влијае на незадоволување на психолошките потреби кои постепено ќе го надвладуваат стравот, прво во срамежливи обиди да се прекрши изолацијата, па се до отворен бунт и подготвеност на ризик.

ФОКУС: Еднаш ми рековте дека човекот се прилагодува, може да свари секакви ситуации, споменавте дека луѓе се прилагодиле дури и на суровите услови во конц-логорите. Но, која е цената што ќе ја плати при вакви стресни ситуации?

ПЕТКОВСКИ: Цената, како и во секој ресторан, ќе биде различна и ќе зависи што било нарачано. Тоа значи, ако оној кој се навикнал во ресторанот на разновидни и егзотични јадења, неговата цена ќе биде поголема. Всушност, оваа метафора може да отсликува на што бил навикнат поединецот пред кризата, што конзумирал претходно, па таква и ќе биде цената на изолацијата. Од друга страна, кога зборуваме за вид на „цена“ која ќе ја плати индивидуата на полето на менталното здравје, тоа е веќе друга ситуација. Бидејки, целата ситуација е високостресна и предизвикува низа на адаптациски механизми кај индивидуата и му троши тнр психичка енергија, ќе дојде до израз ранливоста на индивидуата. Тоа значи дека како ќе поминува времето се повеќе оваа ситуација ќе ја провоцира „патологијата“ кај индивидуата кај која во нормални услови била под негова контрола.

ТЕМПИРАНА БОМБА

ФОКУС: Што конкретно значи ова „ранливоста на индивидуата“?

ПЕТКОВСКИ: Ова значи дека луѓе кои имале и пред оваа криза некои психолошки проблеми, или симптоми, на почеток, поради импресионираноста со глобалните случувања и секојдневниот медиумски „притисок“ и препораки за изолација и третман на непосредната околина како на непријателска зона, нивните лични психички тешкотии ќе „отидат“ во втор план. Но, како ќе се пролонгира целокупната ситуација, кога ќе има депривација од секојдневните ритуали и контакти, постепено се повеќе и повеќе ќе се појавуваат психолошките проблеми. Кај некои ќе ескалираат, а кај други ќе доведат до значително потиснување во втор план за да во дадена ситуација, како темпирана бомба имаат необјаснива за нив експанзија. Тоа е цената.

ФОКУС: Кога почна војната во бивша Југославија, првично се шокиравме од снимките и бројките на убиените, а потоа некако мирно и рутински ги следевме тие податоци како обична статистика. Дали и сега повеќе нѐ вознемири првиот случај на заболен од коронавирусот во Македонија отколку секојдневниот прогрес на бројот на заболени? Зошто или како го објаснувате овој феномен?

ПЕТКОВСКИ: Новото секогаш предизвикува висок стрес, особено ако е неповолно и луѓето вообичаено имаат тенденција кон status quo состојба. Впрочем тоа е и суштина на конзервативизмот. Така, откако ќе дојде до промената, таа промена, кога ќе се стабилизира ќе се третира како status quo. Но, ако дојде до нас, до нашите соседи или најблиски, тогаш луѓето ќе реагираат на опасноста со зголемена грижа за себе и најмилите, тогаш веќе ќе нема отпор кон промената, тоа ќе биде аларм. Овој аларм ќе го извади и најдоброто од луѓето (херои), но и најлошото,

ФОКУС: Какви реакции тогаш може да очекуваме?

ПЕТКОВСКИ: Некои ќе реагираат конструктивно, некои во паника, а други дисфункционално, инфантилно или парадоксално. Дури и во неповолна ситуација на губиток на некој близок, во ваква атмосфера во која е сега нашата средина, процесот на оджалување е колективен и индивидуата ќе има помалку лутина и тага во себе, нема да верува само во својата лоша судбина, полесно ќе прифати дека е тоа колективно. Побрзо ќе ја разбере состојбата и губитокот дека не е лично кон неа насочена опасноста и губитокот, туку дека е тоа вид на судбина на целиот колектив.

АЛТЕРНАТИВЕН СОЦИЈАЛЕН ЖИВОТ

ФОКУС: Што препорачувате да се прави кога сме во изолација, за да останеме психички здрави? И што доколку оваа состојба потрае неколку месеци, како што се прогнозите?

ПЕТКОВСКИ: Најдобро е вообичаените активности, ритуали и рутини да се „заменат“ со приближно слични, но адаптирани за вакви специфични околности. Потоа, контактот со своите пријатели да го насочат кон развојни теми, а не кон повторување на „оф леле!“ или „не знам, што ќе се прави!“ теми, кои тогаш го трансформираат соговорникот во „контејнер“. Ако потрае подолго, веројатно ќе дојде до вид на социјален замор кај сите учесници и оние кои „седат“ дома, и оние кои ги лечат и оние кои ги контролираат. Можно, е во поодмината фаза, на пример после два месеца се повеќе да расте фрустрацијата и отпорот кон истите овие мерки кои се заштитнички, кои сега ќе се почувствуваат како поробувачки. Доколку ова се знае, а луѓето веќе изградиле алтернативен социјален живот, тогаш ваквите реакции нема да бидат масовни.

ФОКУС: Кога се договаравме за интервјуто, шеговито нафрливте дека после корона кризава ќе има повеќе бебиња. Верувате дека „карантинот“ ќе влијае позитивно врз брачните и семејните односи?

ПЕТКОВСКИ: Шегата на страна, сериозно мислам дека она што е квалитетно во услови на изолација може да биде поквалитетно, додека она што е дисфункционално, во криза ќе го потенцира проблемот. Така, мислам дека некои навистина ќе имаат метафорично повеќе „бебиња“, но затоа кај други јазот и дистанцата ќе се продлабочат. Значи, после една година ќе има и повеќе бебиња, но и повеќе разводи.

ФОКУС: Видовме снимки како Италијанците со песни на балконите се „борат“ со изолацијата. Помага ли ова да се скротат стравовите?

ПЕТКОВСКИ: Ова помага многу. Бидејќи се надвор од својата рутина, бидејќи се затворени дома не по своја волја, но поради личен страв, сепак низ ваква соседска интеракција, тоа е вид на „проглас“ дека се весели и храбри, дека не се плашат и дека се оптимисти. Овој вид на самоохрабрување кое го гледаме е широко прифатено и се промовира како прифатен пристап во вакви, во најмала рака, невообичаени времиња. Од друга страна, ова е и вид на бунт по принцип „Ќе ја изедеш супата и оро ќе играш“, каде што тука гледаме дека се „игра оро, па се јаде супата“.

ОРУЖЈЕ ИЛИ ЛЕК

ФОКУС: Со таков вид на бунт го потиснуваат стравот?

ПЕТКОВСКИ: Овој бунт на луѓето им дава чувство на некаква контрола врз својот живот, бидејќи може да изберат стил со кој ќе ја применуваат изолацијата. Ова е особено и во склад со социо-културното милје и културата на музика, текстови и забава која на ниво на менталитет е дел од секојдневието на Италијанците. Впрочем, најдобриот хумор парадоксално се раѓа или се создава во најтешки историски времиња, да си припомниме само на „Големиот Диктатор“ од Чаплин, Така, на некој ваков начин и јас ќе ви го затворам ова прашање, со една изрека или клетва, некои велат Кинеска, некои го спорат, но во секој случај вака гласи: „Да господ даде да живееш во интересни историски времиња!“. Кога знаеме дека интересни за историјата се војни, катаклизми и кризи, веројатно нас не „фаќа оваа клетва“ на секои 20 години.

ФОКУС: Вие имате приватна пракса и едукативен центар, па како функционирате во изолација?

ПЕТКОВСКИ: Активноста е сведена на 5-10 отсто од претходно, но ова го гледам како предизвик и како период во кој она што поради големиот ангажман претходно не можев да го завршам, сега да го финиширам. Некои свои програми ги менувам, дотерувам. Книгата која ја започнав минатата година, која по својата содржина е предизвикувачка и е опис на мојот пристап овие сите години, а која ја работам во фази и кога имам повеќе слободно време, сега повторно и се вратив.

ФОКУС: Дали оваа актуелна ситуација со КОВИД-19 во светски рамки не ве инспирира за нова книга од психолошки аспект, се разбира?

ПЕТКОВСКИ: Пред еден месец ја издадов книгата „Оружјата на критичкиот и лекот на негувачкиот родител“, таа е впрочем второ додадено и изменето издание од издавачката куќа „ТРИ“ во кое го напишав лекот. Бидејки оваа книга ја разработува тематиката родителство, сегашната ситуација е токму и инспирација дека родителите можат да изберат дали да користат оружје или лек. Од друга страна, го велам често и ова, а тоа е дека во основа на секое функционално менаџирање базата е функционалноста на родителот во себе. Оној кој го подобрува дома и приватно својот родител, на работа го подобрува својот менаџер во себе.

Рамка 1

Социјални мрежи

ЌЕ БИДАТ ГОЛЕМА ПОМОШ, НО ШИРАТ И ПАНИКА

ФОКУС: Често се критикува зависноста на луѓето од социјалните мрежи, но дали во вакви околности може да ја олеснат осаменоста, барем од некаков виртуелен социјален аспект?

ПЕТКОВСКИ: Во овој случај на изолација, социјалните мрежи ќе бидат од голема помош, како на самата индивидуа, така и на општеството во поширок аспект. За среќа, сега во домот се „преселува“ и сликата на светот, и нашите роднини или пријатели и на тој начин ќе можат да ја  компензираат изолацијата. Се разбира дека и преку ваквите мрежи исто така се шират и невистини и паника, но тоа се нормални контраиндикации.

Рамка 2

Прогноза

ЕУФОРИЈА КАЈ „ПРЕЖИВЕАНИТЕ“

ФОКУС: Сега приоритетот е „да се преживее“. Но, што после кога ќе се соочиме со економските и финансиските кризни ситуации?

ПЕТКОВСКИ: Прогнозата е подобра од економска криза. Зошто? Поради тоа што низ аспект на системска теорија, декланширачкиот фактор, фактор кој ја покренува кризата, за економската криза е познат, надворешен е, вирус е, а не е економска криза како резултат на аномалија на системот која кулминирала во криза. Тоа значи дека, кога ќе го нема надворешниот фактор, релативно брзо ќе настапи опоравување придружено со чувство на олеснување и еуфорија кај „преживеаните“. Последици ќе има, но опоравувањето ќе биде многу побрзо.

Поврзани новости