Пишува: Валентина ВУРМО
Веднаш се познава дека новопечените функционери или властодршци не се од вчера. Добро знаат дека народот е гладен за леб, а жеден за правда, па затоа и тоа му го сервираат на дневното мени.
За доручек најава за нова инвестиција, за ручек ветување за бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот, а за вечера повторно најава за фрлање лопата. Трпезата полна со ветувања за сити стомаци и исполнети души со мир, бидејќи правдата кај и да е ќе стигнела, се разбира доколку некоја „виша“ сила повторно не ѝ го попречи патот.
По ултра брзиот спринт на новата влада на стартот, дури е невозможно да се следат во чекор. Полни со елан, работат 24/7, ама без да ја изустат оваа фаза, бидејќи, освен што изгледа излитено, потсетува и на поранешниот им лидер, од кој длабоко се оградуваат. Тој ги брцна рачињата во медот, а тие нели планираат да работат со чисти раце.
И додека да узреат плодовите од ветувањата, направија и нешто што е веднаш видливо. Ги засукаа ракавите и се оградија, но сега како Груевски. Мицкоски ја врати оградата на Владата, која во 2017 година Заев ја отстрани и со тој чин прати порака до народот дека владината зграда, ружна или не, е отворена за сите.
А за 700.000 евра да не отидат бадијала, вети дека од неа ќе се направат клупи и настрешници, ама ништо од бизнисот. И кога пропадна шансата и народот да го смести задникот на нешто скапо, излезе народната, не за кого е речено, туку за кого е печено.
Така некако деновиве се избираат и функционерите од третиот ешалон, односно новите директори. Јасно е дека во институциите основани од владата таа ги разрешува и назначува раководните лица, па така на новиот тренер му е дозволено да избере нови играчи, но тоа не треба да се прави како да се пополнуваат работни места во партијата.
Професионалноста треба да биде главниот критериум, а не партиската потчинетост. Не треба да се мери лојалноста кон партискиот лидер, туку да се почитува законски поставениот мерит систем, кој се постигнува со објавување оглас. Инаку, како и досега, така и сега, со избирање директори од партиските списоци, не се менува ништо, туку станува Мурто за да седне Курто.
Туку, и овој начин на пополнување на директорските фотелји има врска со неказнивоста. Да функционираше правната држава, избраниците за директори двапати ќе размислеа дали да се нафатат. Сами пред себе ќе се преиспитаа дали го имаат соодветното образование, но и искуство и способност за новата работна позиција.
Ќе знаеја дека личната амбиција да дојдат до моќ и брзо да се збогатат нема да им се исплати, кога на крајот ќе ја сносат одговорноста и ќе завршат зад решетки. Но, комотноста дека оној што ги избрал, ќе крене слушалка ваму и таму ако загусти, им ги одврзува рацете, а им ги намалува стравовите за одговорност.
На крајот на краиштата и никој не мора да ургира. Така си го скроија Кривичниот законик, што не важи за валканите функционерски раце. Па, еве уште два месеца ќе му ставиме година на искасапениот КЗ, кој се тркала низ правосудството, а без клучното кривично дело за белите јаки, злоупотреба на службената положба и овластување при јавните набавки и штета на буџетот. Одговорноста може да се бара во некое од другите дела, но со значително намалени казни, тамам да се извлечат со застареност.
И потоа се чудиме зошто државата ни старее, има сѐ помалку новороденчиња, а младите се иселуваат. Само во изминатите пет години се затвориле 40 основни и три средни училишта!
Обратно пропорционално, пак, колачот со директорски позиции е сѐ поголем, за да се заситат сите коалициски партнери. Затоа, додека е најважно тие да се подмирени, народот и понатаму ќе биде гладен и жеден, особено за правда!