Maкедонскиот претседател Ѓорге Иванов се однесува како марионета на експремиерот Никола Груевски, кој ја води својата земја во хаос и далеку од ЕУ и НАТО, пренесува „Дојче веле“, анализа на австрискиот весник Стандард.
„Тој ја навредува ЕУ како „импотентна и беспомошна“. Времето на Пакс Американа на Балканот помина. Од 1 март годинава, македонскиот претседател Иванов одбива да му го даде мандатот за формирање влада на шефот на социјалдемократите Зоран Заев, иако тој заедно со албанските партии има мнозинство во Собранието. На тој начин, тој отворено застана зад досега владејачката ВМРО-ДПМНЕ и ги нарушува сите демократски правила на игра“, пишува австрискиот весник кој наведува дека со недели се одржуваат масовни протести на приврзаниците на ВМРО кои се обидуваат да ја спречат промената на власта.
Главната причина, пишува Стандард, е што против повеќе високи владини функционери и службеници се водат истраги од страна на Специјалното јавно обвинителство.
„Стравот на досегашната политичка елита дека ќе заврши во затвор, оттука е многу голем. Политичарот Иванов стана продолжена рака на поранешниот премиер Груевски, против кого исто така се водат истраги. Поддршка во тоа, тој добива од владата во Москва, од мнозинството медиуми и од многу невладини организации. ВМРО изгради наратив според кој, евентуалната влада на СДСМ мора да се спречи за да се спаси државата. Во тој контекст искористен е баукот на „албанската платформа“, која е наводно погубна за интересите на земјата“, пишува Стандард.