Двособени станови во центарот на Скопје од 170.000 евра, трособни станови од 222.000 евра, бајка или реалност? Ова се само дел од рекламните огласи актуелни на социјалните мрежи периодов, кои го привлекоа вниманието на јавноста, кога цената на становите во метрополата е во прашање. Според објавени брошури од страна на инвеститорите, станува збор за станови со површини од околу 60 квадратни метри, за двособните, за над 80 квадратни трособни станови, и четiрисобни станови со површина од околу 130 квадрати.
Иако станува збор за простор лоциран во централното градско подрачје, односно комплекс со современ дизајн кој нуди модерни поволности за потенцијалните станари, сепак реакциите на јавноста, генерално се дека станува збор за суми кои македонскиот граѓанин тешко може да си ги дозволи.
Веќе неколку години цените за станбен квадратен простор во Скопје имаат вртоглав раст, а истиот тренд станува актуелен и во останатите градови, посебно во Охрид.
Според објавените огласи за продажба на станови, за да се дојде до сопствен кров над глава, однооно за простор од околу 50 квадратни метри, потребни се најмалку 60.000 евра, па се до над 100.000 евра, во зависност од локацијата, градбата, и слично.
За паркинг простор во центарлното скопско подрачје пак, граѓани раскажуваат дека требало да одвојат и по 10.000 до 15.000 евра.
-Како да живееме во Монако, а не во еден од најзагадените европски градови, често коментираат загрижените граѓани.
Со цел да се добијат прецизни податоци околу тоа колку изнесува квадратен метар станбена површина, веќе неколку месеци ставена е во функција апликацијата www.cenakvadrat.com , изработена од страна на софтвер инженерот Димитар Бежановски.
Според анализата, од 2021 година, кога просечната цена на квадратен метар во Скопје била нешто повеќе од 1.000 евра, денес веќе е околу 1.600 евра.
Во зависност од општините, некаде цените се движат и над 2.000 евра за квадратен метар.
-Глобално поскапување, високи цени на земјиште за градба, високи комунални давачки, бавни администратитвни процедури, бавно доаѓање до одобренија за градба, сетоа тоа влијае врз одредувањето на цената на становите, појаснуваат инвеститорите.
За разлика од Македонија, каде цените на становите се далеку од реалната финансиска ситуација на населението, според огласи за продажба во соседна Грција, на пример, цените се далеку поприфатливи, дури и за атрактивни локации покрај море.
Може да се забележат огласи за станови во близина на плажа за околу 1.500 евра за квадратен метар, па дури и за пониска цена. Зголемен е растот на цените во Хрватска, каде исто така станува речиси невозможна мисија со просечни примања да се купи стан во приморските градови, каде цена за квадратен метар достигнува над 3.000 евра.
Во Албанија пак, покрај море, цената за квадратен метар е од околу 1.000 евра, па се до околу 1.200 евра.
И во Црна Гора цените вртаглаво растат, посебно во туристичките места, каде според огласите, се продаваат станови по цени од дури 4.000 евра за квадратен метар.
Според податоци од Народна банка пак, според кредити одобрени на физички лица, најзастапени во земјава се станбените и потрошувачките кредити.
Вики Клинчарова