Најмладата малолетна родилка е шесто одделение. Има 11 години и заедно со уште три други на возраст до 13 години се најмладите во 2016 и 2017 кои родиле дете.
„Во ран развој на нивната личност тие забременуваат по што треба да носат битни одлуки – дали ќе ја прекинат бременоста или ќе го родат бебето и ќе ја преземат грижата за него. 731 малолетничка се породила во истражувачкиот период и притоа 4 случаи на породувања има од страна на деца на возраст од 11 до 13 години, 225 деца се породиле на возраст од 14 до 16 години“ кажа Васка Бајрамовска, заменик на Народниот правобранител.
Од кај народниот правобранител дошле до поразителни бројки и заклучиле дека расте малолетничката бременост и бројот на абортуси.
„Властите се загрижени. Велат дека се повеќе девојки на возраст до 18 години раѓаат деца или абортираат. Според податоците коишто ги собрал народниот правобранител, речиси сите од тие девојки биле во вонбрачна заедница или пак болниците немале целосни податоци околу нивниот брачен статус“
Според лекарите – здравствените власти треба да седнат на маса и сериозно да размислат и да се договорат. Споредувајќи ја Македонија со земјите во регионот, констатираат дека само кај нас ниедно контрацептивно средство не е на позитивната листа на лекови. Во спротивен случај, би се намалил бројот на несакани бремености тврдат гинеколозите.