За нанесена штета од над 6,5 милиони евра, помеѓу осомничените за криминалот во Електрани на Македонија се најде и Пеце Матевски, поранешен директор на РЕК Битола.
Тој е осомничен за злоупотреба на јавни набавки со адитиви наменети за потребите на РЕК Битола, а кога дојде на чело на најголемиот производствен капацитет на електрична енергија, во ноември 2021 година, се најде во центарот на вниманието на јавноста.
Тогаш беше актуелно прашањето дали Пеце, познат помеѓу народот како хармоникаш кој своевремено настапуваше со групата Бон – Тон, а пак пред неколку години беше дел од Три Бенд, со кој имаше редовни гостувања во ресторани, но и на свадбени веселби, ги има потребните менаџерски способности и искуство да раководи со институцијата.
Како одговор на сомнежите во неговите раководствени способности, Матевски ја објави својата биографија во која беше наведено дека тој бил дипломиран машински инженер, кој магистрирал менаџмент на човечки ресурси во 2016 година.
Набргу потоа, доби и јавна поддршка од професорот Јове Кекеновски, кој јавно му порача да не им обрнува внимание на „приучени новинари измеќари, ситна боранија, трутови и прости шупци политиканти”.
– Пеце запамети, напиша на својот официјален профил професорот Кекеновски, – Она со што способните, умните, нормалните и цивилизираните се гордеат, неписмените, полуписмените, неспособните и арамолепците се исмеваат. Никогаш немој да ги мразиш луѓето кои се љубоморни на тебе, туку почитувај ја нивната љубомора. Тоа се (не)луѓе кои мислат и знаат дека си подобар од нив во секој поглед. Затоа Пеце „вози“ мирно и не обрнувај внимание (што би рекле „пет пари не давај“) на ситна боранија, трутови, прости шупци, политиканти и во овој случај на приучени новинари измеќари!
Но, само една недела откако стана директор во РЕК Битола, Матевски повторно се најде во центарот на вниманието, откако првата „реформа“ која ја започна во институцијата беше ставање во ред на вработените кои ги хранеле кучињата во подружницата.
Тој со писмено соопштение им нареди на вработените дека им се забранува да чуваат и хранат кучиња во кругот на комбинатот и околу него, а на работниците кои не се придржувале до наредбата им порача дека ќе се преземеле санкции против нив.
Веста наиде на критики и реакции, а директорот Матевски одби да разговара со новинари на темата. Наместо тоа, се огласи лице кое го назначил за контакт со медиуми, Менде Куновски, кој кажа дека вработените се плашеле од кучињата, и имало секакви случки и напади. На прашањето колку точно напади евентуално се случиле и дали имало пријавено и регистрирано напад кај надлежните институции, тој одговори дека сепак нема официјални податоци за пријави.
Поради наредбата на Матевски реагираа и бројни здруженија за заштита на животните од земјава, но тој остана недостапен за изјави на темата.
Додека директоруваше, неколкупати излезе во јавност да каже дека работел посветено и правел се за да има производство и подобрени услови за работа.
Вики Клинчарова