Шампионот во пауерлифтинг, Бошко Стаменковски, пред крајот на годината се закити со уште една титула, стана светски рекордер во правење склекови.
Пред три дена тој го собори светскиот рекорд на правилно изведени склекови (push ups) за 1 минута, по официјалните „Calisthenics“ правила, или т.н. „strict form“. Стаменковски епитетот најдобар го превзеде од Викас Кумар од Њу Делхи, Индија, кој претходниот рекорд го поставил на 31-ви октомври 2018 година.
Настанот на кој 47- годишниот спортист од Македонска Каменица го собори светскиот рекорд беше во организација на Champions House Macedonia.
Пресреќен поради новиот успех, но и горд на сите професионални успеси од годината која што изминува, односно дури 19 медали во 2018 година, Стаменковски вели дека сепак, во новата година влегува со една голема желба, за која се надева ќе му се оствари.
-Веќе неколку години по ред сум редовен учесник на многу натпревари и првенства ширум светот. Горд сум што секаде ја претставив Македонија во најдобро светло и се вратив со полни раце со златни медали и освоени први места. Оваа година се закитив со два медали од Унгарија, еден медал од Франција, еден од Хрватска, 12 од Србија и три од Македонија. Но, мојата среќа не е целосна, бидејќи немам со кого да ја споделам.
-Имам 47 години, а целиот свој живот сум сам. Не знам зошто, не ми се создаде прилика во животот, па не успеав да си ја најдам мојата сродна душа. Сакам да си ја најдам мојата половина, не ми е важно дали ќе биде спортистка или не, ми треба добра жена покрај мене со која ќе го поминам животот. Кога веќе се редат Новогодишни желби, тоа е мојата најголема желба во 2019 година, да си ја најдам сродната душа, да имам со кого да ги споделам сите добри и лоши моменти, да имам свој сопатник и поддршка – ни изјави шампионот.
Во повеќе наврати и на својот социјален профил тој испрати порака дека ја бара жената на својот живот. Вели дека потрагата продолжува и не се откажува од сонот дека ќе ја сретне вистинската.
-Новата година, нова надеж. Како за професионални успеси, така и за среќа на приватно поле. Верувам дека задоволството од сите освоени награди, пехари и медали ќе ми биде целосно кога покрај мене ќе ја имам сродната душа – раскажа Стаменковски.
Вики Клинчарова