Нашата територија се до среда ќе се наоѓа под влијание на релативно висок воздушен притисок, исто така и на стабилна, сува и релативно топла воздушна маса од југ. Времето ќе биде сончево со натпросечно високи максимални дневни температури на воздухот, повремено со мала до умерена локална облачност.
Минималните температури на одредени места ќе се спуштаат до околу или малку под нулата, а максималните дневни температури на воздухот пак ќе се искачуваат во интервалот од 10 до 16 степен. Истите ќе бидат значително над просекот за овој дел од годината.
Поради релативно високата влажност во воздухот, но и поради релативно тивкото време по одделни котлини ќе има појава на магла и на ниска облачност. Токму поради ова, на местата со магла и ниска облачност и максималната дневна температура на воздухот ќе остане нешто пониска.
Веќе во четврток од запад облачноста ќе се зголеми, што значи во четврток над Македонското небо ќе има повеќе облаци. Во попладневните часови и навечер од запад ќе започнат повремени локални врнежи од дожд.
Снег ќе провејува само на повисоките планини (над 1900 м.н.в). Исто така ќе започне да дува слаб до умерен ветер од јужен и од југоисточен правец, кој во одредени делови ќе засилува на интензитет. Температурите на воздухот и покрај ова ќе останат претежно над просекот.
Подготви: Славчо Попоски