Кинескиот лидер Шји Џинпинг вчера за последен пат се сретна со американскиот претседател Џо Бајден, но веќе гледаше напред кон новоизбраниот претседател Доналд Трамп, велејќи дека Пекинг е подготвен да работи со новата американска администрација.
На нивните разговори на маргините на годишниот Самит за азиско-пацифичка економска соработка во Перу, Шји предупреди дека стабилен однос Кина-САД е критичен не само за двете држави, туку и за иднината и судбината на човештвото.
-Направете мудар избор. Продолжете да го истражувате вистинскиот начин за двете големи земји да се согласуваат добро една со друга – рече тој.
Шји посочи дека протекционистичката реторика во кампањата на идниот претседател може да ги влоши односите меѓу САД и Кина.
-Кина е подготвена да работи со новата американска администрација за да ја одржи комуникацијата, да ја прошири соработката и да управува со разликите за да се стреми кон стабилна транзиција на односот Кина-САД за доброто на двата народа – рече тој.
Бајден го повика Шји да ја одврати Северна Кореја од продлабочување на својата поддршка за руската војна против Украина. Разговараа и за индиректната поддршка на Кина за Русија, прашањата за човековите права, технологијата и Тајван.