ССНМ најостро протестира поради третманот на новинарите и медиумските работници од страна на од политичките елити, каков што беше покажан и вчера попладне пред Клубот на пратениците, кога претставниците на медиумите беа оставени со часови да чекаат надвор од објектот.
Синдикатот сака да потсети дека таквиот однос, кој што се повторува во континуитет, не е однос кон новинарите и медиумите, туку е однос кон јавноста генерално, со што политиката покажува колку ги цени сопствените граѓани и нивното право да бидат информирани.
– Цинизмот на политичките елити во нивниот потценувачки и понижувачки однос е дотолку поголем, бидејќи вчера требаше да се преговара за ДИК, но и за истите тие медиуми чии што претставници беа оставени со часови на студ да ги чекаат резултатите од преговорите – истакнуваат од ССНМ.
Синдикатот бара од сите политичари и институции во иднина на новинарските екипи да им се овозможат елементарни услови за работа и потсетува дека силно ќе го крева гласот пред домашната и меѓународната јавност за условите со кои се третирани медиумските работници од страна на политиката.